Home » Невреме во Скопје: паднати дрвја, поплавени улици, заглавени возила кај „Мавровка“

Невреме во Скопје: паднати дрвја, поплавени улици, заглавени возила кај „Мавровка“

by Журнал.мк

Поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот во Скопје по денешното силно невреме проследено со пороен дожд, град и грмежи. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека нема повредени лица.

ЦУК преку бројот за итни повици 112 прими пријава за паднато дрво на ул. „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска Пивара. Постои опасност дрвото да оштети електрични кабли. Надлежните служби се известени и ќе постапат согласно своите надлежности.

На бул. „Никола Карев“ кај Бит Пазар, под Стоковна куќа Мост, има приближно 50 см вода. Целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени.

Дополнително, пријавено е дека на ул. „Петар Манџуков“ во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.

Добиена е пријава и за поплавена улица на булеварот „Македонска Косовска Бригада“ во Општина Чаир. Неколку возила се заглавени, а паркот во близина е исто така поплавен.

Дополнително, пристигната е пријава за навалена бандера од уличното осветлување на улицата „Народни Херои“ кај Мечкаров, во Општина Кисела Вода.

„По денешното невреме кое ја зафати територијата на државата, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш ги активираше своите механизми за следење и координација. Директорот, Мухамет Али, во текот на целиот ден ја следеше ситуацијата и беше во континуирана комуникација со сите надлежни институции, со цел навремено и ефикасно справување со последиците од невремето“, велат од ЦУК.

Според моментално достапните информации, на повеќе локации се евидентирани материјални штети – поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот. Не се пријавени повредени лица.

Од ЦУК велат дека известени се и надлежните служби за водовод и канализација, противпожарната служба и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои се во подготовка за постапување согласно своите надлежности.

ЦУК ги повикува сите граѓани да останат внимателни и да ги почитуваат препораките на надлежните служби, како и навремено да пријавуваат опасни или животозагрозувачки состојби на бројот за итни случаи 112.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk