Паѓа невработеноста. Државна статистика пресмета дека стапката на невработеност се намалила за нешто над 1% за една година и на крајот од 2024-та изнесувала 11,9%. Според податоците, во Македонија има над 700 илјади вработени и околу 95 илјади невработени. Министерката за финансии е задоволна.
„Историски најниско ниво, забележувајќи пад од 0,4 процентни поени во однос на претходниот квартал и 0,7 процентни поени намалување во однос на 2023-та година. Истовремено расте вработеноста, и изнесува 46,2%. Тоа се податоци дека се реализирани над 13.067 нови вработувања во четвртиот квартал во однос на четвртиот квартал од 2023 година“ – Гордана Димитриевска Кочоска, министерка за финансии
Според бројките, се уште сме далеку од европските стандарди каде стапката на невработеност се движи во просек околу 6 отсто. Познавачите, пак, велат дека падот на невработеноста се должи на иселувањето на млади луѓе кои заминале да работат во странство. Најголем одлив имало во градежништвото, угостителството и текстилната индустрија.
„Она што ние постојано го гледаме како претставници на работниците на терен е дека состојбата од ден во ден е се полоша за работниците, особено во приватниот сектор. Голем дел од нив се веќе на мисла да заминат во летниот период надвор од државата на сезонска работа, имајќи во предвид дека за 5 до 6 месеци сезонска работа обезбедуваат средства како би ги поминале зимските месеци тука, а во зима знаеме дека во Македонија има работодавачи кои се уште сметаат дека работниците се мечки и хибернираат, па се случува и два до три месеци да не земат плата“ – Иван Пешевски, потпретеседател на ССМ за приватен сектор
Иако статистички има се помалку невработени, фирмите повеќе од кога било се соочуваат со недостиг на квалификувани кадри. Последниот попис покажа дека земјава ја губи младата работна сила. Меѓу двата пописа, односно од 2002-ра до 2021-ва бројот на работоспособно население паднал за над 12%, а во исто време бројот на старо население над 65 години се зголемил за над 17%.