6 C
Skopje
Thursday, January 28, 2021

Неспроведениот попис ќе слави полнолетство

Најчитани вести

Потребата од попис е јасна за сите, но, за жал, и голем тас на македонската политичка сцена. Додека во светот државите сè почесто го напуштаат традиционалниот метод на попис и се одлучуваат за годишни, па и полугодишни статистички извештаи за населението, изработени врз основа на вкрстени податоци од сите статистички институции во државата, ние речиси 18 години не можеме да се преброиме по никаква основа.

Пречка се повеќе прашања, но најголемото е недовербата. Недоверба во релевантноста на добиените податоци, недоверба во формулацијата на прашањата и нивното внесување, но и недоверба во начинот на прибирање податоци за дијаспората.

Немањето статистички податоци за општеството во кое сите живееме и работиме, едноставно кажано, е избегнување на соочувањето со реалноста и фактите на сите институции во земјата.

Во 2019 година влеговме со јасна рамка за одржување попис, спроведовме успешен пробен попис во јули. Сè беше подготвено и се чекаше само финално усогласување на Законот за попис во Собранието за организирање на првиот по речиси 18 години попис во април 2020 година. Сепак, годината ја завршуваме без конкретен датум за попис, откако предвремените избори го поништија договорот за спроведување попис во април 2020 година, а Законот за попис падна од собраниската агенда.

Дијаспора, етничка графа, попишувачи – го држеа пописот на политичката агенда

Првите месеци од годината пописот беше актуелен, но повеќе во дневната политика по тоа дали ќе содржи или не етничка графа и како ќе се попишуваат раселените и привремени раселени лица и дали податоците ќе се прибираат електронски или традиционално во хартиена форма.

Во февруари од Државниот завод за статистика информираа дека крајното решение за тоа кои прашања ќе бидат вклучени во претстојниот попис ќе бидат донесени во Собранието со Законот за попис.

Во март Законот за попис се најде во Владата на усогласување меѓу коалициските партнери.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, по средбата на 28 март годинава со делегација на Евростат предводена од секторскиот директор Едуардо Баредо Капелот, изјави дека нема пречки за одржување на пописот во 2020 година и дека очекува успешен процес и веродостојни резултати.

Владата на својата 137. седница во мај годинава го усвои Предлог-законот за попис, со кој се предвидува комбиниран попис, односно класично теренско попишување со вкрстување податоци од регистри, од 1 до 21 април 2020 година. Првите резултати од пописот се очекуваат за шест месеци по неговото спроведување. Целата статистичка операција треба да чини 8,5 милиони евра.

Пописот се предвидува да ги опфати лицата во државава и тие што се во странство, како и дека меѓу останатото ќе има и графа за етничко-културолошки и религиозни карактеристики. Целата територија на државата ќе биде поделена на 45 пописни реони. Во пописот на населението, домаќинствата и становите ќе бидат ангажирани околу 6.000 лица, од кои 8.000 попишувачи, 50 реонски инструктори, 200 државни инструктори и членови на пописните комисии.

Успешно спроведен пробен попис, но Законот за попис заглавен во Собранието

Од 10 до 30 јуни во 13 општини во земјава, односно во 32 пописни круга се спроведе пробен попис на населението, домаќинствата и становите.

Државниот завод за статистика спроведе пробен попис во Прилеп, Долнени, Кисела Вода, Зелениково, Гостивар, Кичево, Струга, Свети Николе, Радовиш, Валандово, Куманово, Кратово и во Штип.

Од пробниот попис не се објавуваат податоци, туку со него Заводот ги тестира подготвените методолошки, организациски и ИТ-решенија за примената на новиот комбиниран методолошки пристап во пописот на населението во 2020 година.

Според инструкторката Мира Илиевска од Државниот завод за статистика, која со двајцата попишувачи излезе на терен во Прилеп, операцијата минала без проблеми, а системот не покажал никакви слабости или недостатоци и била исполнета целта за проверка на техничките можности и активностите на теренот.

– Пробниот попис мина без проблеми. Апликацијата, системот и работите на теренот немаа застој. Луѓето беа пресретливи, а со внесувањето на личните податоци во апликацијата, матичниот број, ги добивме неопходните вкрстувања со базите на податоци од институциите, кои се вкупно шест, изјави Илиевска по завршувањето на пробниот попис.

Предлог-законот за попис со кој државата требаше да го спроведе деветтиот попис на населението, становите и домаќинствата од 1 до 21 април 2020 година, на 10 јуни 2019 година се најде пред собраниската Комисија за европски прашања, но расправата беше откажана. На 29 јули 2019 година Законот за попис повторно се најде пред собраниската Комисија за европски прашања, но беше прекината поради дополнителни меѓупартиски консултации.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ тогаш образложи дека опозицијата има сериозни, суштински и значајни забелешки за Законот и концептот за новиот попис, кои, доколку не бидат прифатени, останува отворена опцијата партијата да повика на бојкот на пописот.

– Тие се клучни за пописот да може да биде на ниво на стандардите на ЕУ и Евростат. Само таков попис може да биде од корист на сите, а не операција што ќе предизвикува страв или радост кај граѓаните од губење или добивање одредени права, порача Димовски, посочувајќи дека забелешките ќе ги пренесе на тим од Владата со кој ќе имаат средба на оваа тема.

Меѓу клучните барања на опозицијата се пописот да се одржи во 2021 година. Опозицијата бара да се формира и колективно тело составено од стручни лица, кое ќе биде одговорно за пописот, попишувањето да не се врши само со матичен број, туку да биде со релевантни документи, како лична карта, извод или пасош, а попишувањето да се спроведува на документ што на крајот ќе биде потпишан од попишувачот и попишаниот, а не преку електронска потписница.

Предвремените избори го одложија пописот во април

На 20 октомври 2019 година на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски политичките партии донесоа одлука за организирање предвремени парламентарни избори на 12 април 2019 година, со што се одложи и пописот.

Премиерот Зоран Заев како два можни термини за спроведување на одложениот попис ги посочи есента 2020 година и април 2021 година, но нагласи дека многу е важно прво да се донесе Законот за попис.

– Дали ќе имаме попис во 2020 или 2021 година, Законот треба и мора да го донесеме заради тоа што пробниот попис успешно помина и државата мора да има попис, изјави Заев, уверувајќи дека Законот ќе биде донесен.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, по средбата кај Пендаровски, во врска со одржувањето на изборите, без спроведување на пописот, рече дека ќе се види како тоа „ќе се изменаџира“ и кога ќе може технички да се спроведе пописот.

– Сега е значајно да се испочитува датумот за изборите и потоа да зборуваме за пописот, рече Ахмети.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, по одлуката за одржување предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година изрази надеж дека политичките партии и пратениците ќе најдат разбирање и време да се посветат на што поскоро донесување на Законот за спроведување на пописот, бидејќи оваа операција, како што вели, е од исклучително значење за државата и за сите граѓани.

Според Симовски, пописот ни е нужно потребен и мора да го спроведеме.

– Дали тоа ќе биде во април или нешто подоцна не знам, но ќе мора да го спроведеме. Се надевам дека ќе има попис во најскоро време, зашто тоа е нешто што е во интерес на сите граѓани на државата, а не во интерес на која било политичка опција во Парламентот, рече Симовски.

Посочи дека најсоодветен термин за спроведување попис е или пролет или есен во текот на годината и дека со таквиот термин се согласила и европската статистичка агенција Евростат.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека одложувањето на пописот поради одлуката за предвремени парламентарни избори е логично за да нема политичко влијание, но изрази надеж дека тој ќе се одржи најдоцна до 2021 година, кога ваква статистичка операција ќе спроведат и други европски држави.

– Пописот мораше да се одложи поради одлуката на властите да се одржат предвремени избори. Одложувањето е логично во овие околности. Пописот е процес од кој имаат корист сите граѓани и треба тој да биде ослободен од политичко влијание. Разбравме дека техничките подготовки се одвиваат во најдобар ред и се надеваме дека ќе има и политичка волја за да се заврши оваа операција. Очекуваме да видиме како ќе се одвива пописот веднаш штом сите услови ќе бидат исполнети, а најдоцна до 2021 година, кога и останатите европски држави ќе го организираат пописот, истакна Жбогар во обраќањето по повод одбележувањето на Европскиот ден на статистиката.

Пописот, според Жбогар, ќе донесе нови податоци како најдобро да се креираат јавните политики за населението, како што се здравството, образованието и управувањето со отпад.

Државите членки на ЕУ забрзано го напуштаат теренскиот попис

Додека нашите политичари дебатираат за методот на спроведување попис, сè повеќе држави се одлучуваат за негово напуштање. Според Економската комисија на Обединетите нации за Европа – УНЕЦЕ за пописниот циклус во 2010 година 19 држави, во најголем дел од ЕУ спровеле комбиниран или врз основа на регистри попис, споредено со само осум во претходниот пописен циклус во 2000 година.

За следниот пописен циклус во 2020 година, според УНЕЦЕ, се очекува зголемување на оваа бројка на околу 26 држави, така што речиси половина од земјите членки на УНЕЦЕ ќе спроведат алтернативен попис.

Во однос на пописната технологија, УНЕЦЕ наведува дека „интернет-одговор“ во рамките на традиционалниот или комбиниран попис за пописниот циклус во 2010 година користеле 18 УНЕЦЕ-држави, споредено со само пет во пописниот циклус во 2000 година.

Во септември 2019 година Државниот завод за статистика на Хрватска информира дека пописот што ќе се одржи од 1 април до 7 мај 2021 година треба да биде и последен.

Директорката на Државниот завод за статистика Лидија Брковиќ изјави дека тоа ќе биде последниот теренски попис на населението, за време на кој физички треба да се посетуваат станови и куќи и да се анкетираат становите. Наместо таквиот попис, според Брковиќ, ќе биде воведен административен регистар на население.

– Во иднина ќе се работи на укинување на ваков попис каков што имавме досега на секои 10 години, кога попишувач доаѓа во домовите. Сега, државите членки на ЕУ ќе мора еднаш годишно во Евростат да испраќаат клучни податоци за населението, а не на секои 10 години. Поради тоа е неопходно воведување регистар на населението, појасни Брковиќ.

Во нашата држава од 17 октомври 2019 година почна да функционира Централниот регистар на население, со кој граѓаните ќе добијат електронски идентитет и поедноставен пристап до електронски услуги, а нивните податоци ќе се разменуваат побргу и поефикасно помеѓу институциите.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека регистарот е основа за електронскиот идентитет на граѓаните, односно единствениот електронски број што за граѓаните ќе се креира автоматски во системот според алгоритам.

За овој проект од Европската Унија се обезбедени пет милиони евра. Претставникот на европската делегација во Скопје, Фрек Јан Маат, на промоцијата на регистарот рече дека тој ќе овозможи електронски податоци и услуги за граѓаните и ќе го помогне пописот на населението.

– Државниот завод за статистика и МИОА се подготвени за пописот, но за тоа е потребен закон. Заради тоа во исчекување сме да видиме како овој процес ќе се одвива во Собранието и се надеваме на позитивен исход и на консензус за новиот закон за попис, рече Јан Маат.

Последниот попис на населението, домаќинствата и становите во земјава е спроведен во 2002 година. Во 2011 година почнатиот попис беше прекинат со одлука на Владата.

Во изминатиот период државава има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и во 2002 година.

Во извештајот на Европската комисија, во делот Поглавје 18 – Статистика, еден од главните критериуми е спроведувањето попис на населението, домаќинствата и становите и подготовките на оваа статистичка акција се поткрепени и со ИПА-програмите 2015 и 2017.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести