Home » Нема застарување на делото против Мерко за набавката на четири возила

Нема застарување на делото против Мерко за набавката на четири возила

by Журнал.мк

На Рамиз Мерко ќе продолжи да му се суди за набавката на луксузното ауди А6 од 67.000 евра и уште три други автомобили за општинските потреби во вкупна вредност од 114.000 евра, затоа што Судот во Струга донесе решение со кое не се прифаќа предлогот на одбраната за застареност на делото.

„Со оглед дека веќе претходно беше донесено решение од колешката која го водеше предметот, дека не се прифаќа приговорот, бидејки расправата почнува одново, јас повторно ја донесов истата одлука, бидејки сметам дека има прекин на рокот на застареност. Од тие причини расправата ја отворивме и почнавме со изведување на доказите“, рече Јордан Јованов, судија.

Судијата не може да каже за кога отприлика би можело да се очекува пресуда за овој предмет.

„Не може да се даде конкретен одговор, бидејки тоа зависи дали ќе го обезбедиме присуството на сведоците. Листата е обемна, но тоа не значи дека во целост ќе бидат прифатени. Со оглед на вака како што е предвидено делото, мислам дека апсолутната застареност е 2028 година“, додава судијата Јованов.

Двајца од повиканите сведоци денес не се појавија во судница. Исказ даваше само Нада Бојаџиевска, вработена во Државниот завод за ревизија, која учестувала во изготвувањето на на ревизијата за работењето на општина Струга во 2018 година, кога беше и набавено возилото, но без да изнесе конкретни детали. Одбраната на Мерко, смета дека тој нема никаква вина.

„Истата децидно изнесе дека останува во целост на напишаното во извештајот од 2019 година, кој се однесува за 2018 година, дека нема промена на мислењето што ја потврдува тезата на одбраната дека нема незаконитости во постапката за набавката на возилото“, рече Игор Петкоски, адвокат на Мерко.

Во обвинителниот предлог стои дека спротивно на начелата на законитост и интегритет, како и во спротивност на јавниот интерес, во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро сметка, обвинетиот набавил четири моторни возила, со што прибавил имотна корист за носителот на јавната набавка. Инаку казната затвор за ова дело е од една до пет години.

„Обвинителниот акт е за дело злоупотреба на службената положба. Ние сметаме дека има дело. Ќе го подржиме обвинителниот предлог поднесен од ОЈО Скопје“, рече Никола Јолевски, јавен обвинител.

Судењето за спорната спомен плоча која беше поставена на зградата на Општина Струга, кое беше закажано за денес е одложено.

Рамиз Мерко и утре ќе седне на обвинителна клупа овој пат за незаконското поставување на директори во неколку основни училишта во Струга и струшко.

Против Мерко во моментот активни се девет судски предмети.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk