Home » Нема салмонела на мострите од лица и површини, уште се утврдува каде била бактеријата

Нема салмонела на мострите од лица и површини, уште се утврдува каде била бактеријата

by Журнал

Кај лицата и на површините од кои се земени мостри во врска со случајот за салмонела во беровската детска градинка нема присуство на салмонела, покажаа првичните резултати од анализите на кочанскиот Центар за јавно здравје. Директорот, Гоце Серафимов, вели дека во однос на храната ќе се утврди во следните 24 часа, а сѐ уште пред нив останува отворена задачата да се утврди кој е причинителот за оваа зараза.

„Согласно со прелиминарните извештаи од овие мостри, кај лицата и кај површините од кои се земени мострите не е утврдено присуство на салмонела. Претстои уште 24-часовен период каде што ќе се утврди дали од храната која е земена има некои трагови на салмонела. Со ова не престанува нашата работа, туку продолжуваме со утврдување на одреден причинител за оваа зараза“, вели Серафимов.

Серафимов вели дека во моментов има пет потврдени случаи на заразени деца со салмонела, а тоа се мостри кои се испратени на иницијатива на матичните лекари. Тој додава дека периодов пристигнале поголем број мостри од матичните лекари, кои се однесуваат на целиот регион, а кои не се конкретно поврзани само со детската градинка.

„Овие мостри не се потенцирани од страна на Центарот на јавно здравје, односно не се земени од страна на инспекциските служби. Се работи за деца кои се пријавени кај своите матични лекари коишто испратиле копрокултура. Претпоставувам дека ќе имаме поголем број, бидејќи од овој регион веќе ни пристигнуваат поголем број на копрокултури. Во зависност од тоа салмонелата каде била, претпоставувам дека ќе се види дали има и други позитивни случаи“, додава Серафимов.

Децата во беровската градинка со симптоми се јавија кај матичните лекари минатата недела, по што кај нив беше утврдено присуство на бактеријата салмонела. Кујната во градинката е затворена, но сѐ уште останува да се утврди каде била салмонелата.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk