Home » Нема резидентно и нерезидентно население на попис, пресече Уставен суд

Нема резидентно и нерезидентно население на попис, пресече Уставен суд

by Журнал.мк

Уставниот суд укина делови Методологијата за описот од 2021 година кои се однесуваат на „резидентно“ и „нерезидентно“ население бидејќи оцени дека не се во согласност со темелната вредност на нашиот уставен поредок- владеењето на правото, како и оти директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување. Одлуката нема да важи ретроактивно за веќе спроведениот попис од 2021 година.

Таа ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во Службен весник, за подзаконските акти кои ќе се носат во иднина.

-Во предметот У.бр.251/2025 кој опфаќа одредби од спроведената Методологија за пописот од 2021 година информираме дека Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина: Дел II „Општ дел“ точка 5 потточка 1 во делот „„Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ и потточка 2 во делот „„Вкупно нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, информираат денеска од Уставниот суд.

Судот оценил дека означените делови од Методологијата, не се во согласност со темелната вредност на нашиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година.

-Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт (Методологијата) извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување, бидејќи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, не предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт.

Од Уставниот суд појаснуваат дека поради фактот што станува збор за укинувачка, а не поништувачка одлука, Одлуката ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во Службен весник (за подзаконските акти кои ќе се носат во иднина), но нема да важи ретроактивно-за веќе спроведениот попис од 2021 година.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk