ВМРО-ДПМНЕ деновиве одржа средби со пратениците од помалите партии и им даде поддршка на барањето за една ИЕ, а од вчера почна средби и со албанските партии, при што прва беше БЕСА
Тешко ќе се постигне посакуваниот консензус за измени во Изборниот законик, со цел Македонија да стане една изборна единица, а отворањето на Уставот за да се намали бројот на пратеници, ќе повлече и други барања за уставни измени, оценуваат аналитичарите во врска со обновената иницијатива на малите партии за една изборна единица, која СДСМ начелно одамна ја поддржува, а неодамна ја поддржа и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со барање да се намали бројот на пратеници од 120 на 90.
ВМРО-ДПМНЕ деновиве одржа средби со пратениците од помалите партии и им даде поддршка на барањето за една ИЕ, а од вчера почна средби и со албанските партии, при што прва беше БЕСА. Алијанса за Албанците и ДУИ не се согласуваат со предлогот, односно АА бара да има осум ИЕ, а ДУИ посакува три, па без општ меѓупартиски консензус прашање е дали воопшто ќе се донесат измените на ИЗ за воведување една изборна единица. Истовремено ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка да се укине „пржинската влада“, односно да се вратат претходните рокови во Изборниот законик и да се интервенира во Законот за Влада.
Во Македонија со години се дискутира за нов изборен модел – мнозински или пропорционален, со отворени или затворени листи, со или без изборен праг, со една, шест или 120 изборни единици, начинот на броење на гласовите итн., но засега нема консензус.
Според политикологот Иво Ранѓеловиќ, без разлика кој е најдобриот изборен модел за Македонија, здраво е да претрпува измени во согласност со околностите во кои се наоѓа земјата во даден момент.
– Изборниот модел со една единица е чекор плус во демократизацијата на државата и добро е да му се даде шанса. Но, тој да подразбира минимален изборен праг, со цел да се избегне континуирана политичка уцена од секоја една партија што би влегла во парламентот. Ваквиот калкулус не му оди во прилог на албанскиот политички камп, напротив, зголемувањето на изборните единици би го зацврстил трендот на повеќе албански пратеници со Собранието. Оттука, тешко е да се очекува консензус – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници, додава тој, е интересна тема за разгледување, особено во делот на тоа како би се снашле помалите партии што се во предизборна коалиција со големите.
– Но, ваквите калкулации рефлектираат една политичка слика во која тешко може да очекуваме консензуална промена во изборниот модел – вели Ранѓеловиќ.
Според пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, моделот со една изборна единица без праг нуди реална застапеност на сите во Собранието. Таа вели дека со ВМРО-ДПМНЕ се согласиле за една изборна единица и дека во Собранието ќе се отвори дискусија за измена на изборните правила.
– Очекувам дека и СДСМ ќе се согласи да се отвори расправа за една изборна единица, оти тоа е и негова програмска заложба. Во февруари е реално да почне дискусијата оти предлогот за измени на ИЗ веќе е поднесен во Собранието. Не очекуваме веднаш да се заврши тоа и не е ни можно, оти е потребна и јавна расправа – рече Морачанин за „Утрински брифинг“.
Законот е ставен на дневен ред на пленарна седница, но прво треба да помине на Комисијата за политички систем. Морачанин вели дека кога нема расположение или консензус, некои закони се забораваат во фиока.
Ванхојте: Со една ИЕ ќе имате мнозинство пратеници од Скопје
Иницијативата за една изборна единица не е добра, бидејќи ќе завршите со мнозинство пратеници од Скопје – вели белгискиот дипломат Питер Ванхојте, со чие посредство во 2016 година се потпиша Пржинскиот договор.
– Важно е исто така пратениците да ја претставуваат изборната единица и областа каде што се избрани. Со една единствена изборна единица ќе завршите така што мнозинството од граѓаните повеќе нема да бидат претставени во парламентот – оценува Ванхојте.
Тој не е импресиониран ниту од идејата да се намали бројот на пратениците во Собранието.
– Не намалувајте го бројот на пратеници. Според моето искуство, бројката од 120 пратеници е апсолутен минимум за да се справат со целата работа со која треба да се занимаваат пратениците. Вистинската дискусија треба да биде за квалитетот на пратениците, а не за бројките – порача Ванхојте.