Лео Меси ја продолжи фантастичната форма и во настапите за Интер Мајами каде на 13 одиграни натпревари забележа 11 голови и пет асистенции пред да заработи повреда која го оддалечи од теренот во последните четири средби.
Аргентинскиот ас не беше дел ни од последниот натпревар на клубот од Флорида во кој Интер Мајами ремизираше со 1-1 против Њурјок Сити, драстично намалувајќи ги шансите за изборување на место во плеј-офот на МЛС првенството.
Прашање е дали воопшто Меси ќе се појави на теренот до крајот на сезоната, а тоа предизвикува големо незадоволство кај навивачите на клубот кои воопшто не се задоволни од цената на билетите која ја плаќаат без да го гледаат фудбалерот за кој доаѓаат на стадионот.
Цените на билетите забележаа драстичен пораст откога 36-годишникот го засили тимот, а и дополнително ќе се зголемат следната сезона и тоа со пораст од 82 отсто. На делот од трибината каде се собираат најверните навивачи билет ќе чини 884 долари, а билет за трибините најблиску до теренот вртоглави 2.635 долари.
На страната на Интер Мајами можат да се купат сезонски билети за следната сезона во износ од 40 илјади долари и тоа не за во ВИП ложата.