Home » Наместо намалени цени, добивме повисока инфлација: Помагаат ли мерките за потрошувачка кошничка?

Наместо намалени цени, добивме повисока инфлација: Помагаат ли мерките за потрошувачка кошничка?

by Журнал.мк

Соопштението од Државниот завод за статистика дека инфлацијата во ноември достигнала 4,3 отсто повеќе во однос на истиот месец во 2023 година и дека трошоците за живот за само еден месец се покачиле за еден отсто ги шокираше граѓаните кои очекуваа смирување и намалување на цените на прехранбените производи барем пред Нова Година.

Прогнозите и на Народната банка и на Министерството за финансии беа дека годинава ќе ја завршиме со просечна инфлација од 3,5 насто и тоа најверојатно ќе се оствари со оглед на тоа дека од јануари наваму просечната инфлација беше околу 3,4 отсто.

Во октомври имаше потрошувачка кошница со намалени цени на одредени производи, а слична мерка ќе стартува од 15 декември со која ќе се опфатат над 600 производи.

Голем проблем, според експертите, е што владата ја најавува мерката неколку недели и им остава време на трговците да ги прилагодат цените и да ги зголемат, а потоа со намалувањето ќе дојдат исти како пред мерката. Експертите се согласни дека овие мерки не го даваат ефектот и подобро е на пазарот да се остави сам да влијае врз цените, како и да се донесат мерки за помош на социјалните категории на граѓани.

Инаку, во Буџетот за 2025 година, кој вчера попладне го усвои Собранието, за следната година е предвидена инфлација од 2,2 насто.

„Во 2025 година се очекува дополнително стабилизирање на ценовното ниво и стапка на инфлација од 2,2 насто. Очекувањето за пониска инфлација е поддржано од проектираното стабилизирање на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација“, пишува во Буџетот за 2025 година.

Во Буџетот се анализирани и глобалните инфлаторни очекувања кои влијаат на економијата во Македонија.

„Глобалната инфлација се очекува да се намали од просечни 6,7 насто во 2023 година на 5,8 насто во 2024 година и 4,3 насто во 2025 година. Притоа, се очекува побрзо намалување кај развиените економии во споредба со земјите во развој. Сепак, при намалувањето на инфлацијата се очекуваат одредени предизвици. Иако цените на стоките се стабилизираат, цените на услугите остануваат на повисоко ниво во многу региони“, се вели во Буџетот.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk