Home » Намален бројот на чевларски компании во Куманово

Намален бројот на чевларски компании во Куманово

by Журнал

Намален е бројот на фирми од чевларската индустрија во Куманово. Ако пред пандемијата во градот функционираа над 60-тина мали и средни претпријатија, сега бројката на фирми од овој сектор е намалена на околу 15.

– Тешко се опоравуваме од негативните последици на кризите – пандемската, енергетската, а сега и војната во Европа и на Блискиот исток кои негативно се одразија и на нашите партнери од западноевропските држави кои исто така се соочуваат со намалено производство, вели претседателката на Здружението „Куманово“, Лидија Милановска.

Последователните кризи не им дозволија на чевларите да земат здив. Затворањето на компаниите почна во 2020, а продолжи и во наредните години.

– Останавме без квалификувани работници, дел од нив заминаа во пензија, некои се отселија од државата, други преминаа во други сектори. Во исто време престана и поддршката од државата. Она што го имавме како помош беше запрено по пандемијата, посочува Милановска.

Цените на репроматеријалите особено за лон производство, како што информираат чевларите, се зголемени, а пораснати се и платите и останатите давачки.

– За време на пандемијата затворија дел од компаниите, следуваше бран на нова криза, економска, и поголем дел од компаниите затворија како последица од оваа криза, вели Милановска.

И компаниите од Италија кои се традиционални партнери на кумановските фирми ги чувствуваат последиците и таму некои од фирмите веќе затвориле,а други едвај се справуваат со последиците.

– Многу од нив го преселија производството во Тунис, каде се нудат подобро услови за работа, а и давачките се намалени и има побрз увоз и извоз, посочува Милановска.

Недостигот на кадар и нелојалната конкуренција, проблем за чевларските компании

Ако до пред десетина години бројката на вработените во овој сектор беше над 3.000, сега едвај 500 работници има во кумановските компании.

– Повозрасните генерации успеаја да го пренесат знаењето на средната генерација. Имаме навистина стручни лица ама ни недостигаат млади работници. И нашата земја како и останатите во регионот мора да почне да размислува за увоз на работници како што е во градежниот сектор, вели Милановска.

Трошка надеж за зголемување на бројот на работници се дуалните паралелки кои ги има во средното училиште „Перо Наков“. Во компаниите од Куманово се спроведува практична обука за учениците.

– Доаѓаат на пракса, ги обучуваме, ама и тие не се многу заинтересирани за да продолжат во секторот. Многу е важно да ги едуцираме за користење на иновативни машини кои се софистицирани и иновативни и ја зголемуваат продуктивноста, вели Милановска.

За чевларите, проблем е и нелојалната конкуренција на готови производи од други земји, пред сè Турција и Кина. Но, велат дека голем дел од потрошувачите умеат да разликуваат вистински македонски квалитетен производ во однос на поевтините продукти од овие земји.

Кумановските чевлари црпат искуство од Хрватска, земја членка на ЕУ. Преку европските фондови, поддршката за тамошните компании е огромна, Европа дава средства за изградба на нови погони и софистицирани машини со што се зголемува продуктивноста.

Со Милановска се согласува и Среќко Стоилковски од Здружението на челварски компании, кој додава дека годинава била малку потешка од претходните. Но, тој е оптимист и вели дека може да се работи и покрај предизвиците. Загрижен е за недостигот на работници кои се отселија по различни основи.

– Намалена е работата, а и кај нашите партнери состојбата не е добра. И покрај состојбите успеваме да го задржиме квалитетот и со него да бидеме конкурентни на пазарот. Лично не ме плаши што дел од нашите традиционални партнери го преселија производството во други земји. Работа има за секој, потребен е добар квалитет за справување со конкуренцијата, вели Стоилковски.

Тој смета дека со атрактивни плати можат да се задржат младите во овој сектор. Во моментот, како што посочува, платата се движи од 25.000 до 30.000 денари во секторот.

Чевларите од Куманово го очекуваат и деловниот простор и локацијата каде ќе можат да ги понудат производите. Пред неколку години општината повеќе пати организираше промоции за индустријата, „чевларски тури“ за клинтите, но сега поддршката изостанува. Од Одделението за локален економски развој го очекуваат формирањето на новиот Локален-економско социјален совет кој треба да понуди одредени решенија за оваа индустрија. Едно од предизборните ветувања на актуелната локална власт беше изградба на нов деловен комплекс којшто требаше да биде наменет за занаетчиите во градот, а дел за кожарската преработувачи или чевларската индустрија на локација на „Октомвриска револуција“, локалитет „Табакана“ каде согласно Деталниот урбанистички план има предвидено изградба на станбено-деловен комплекс.

Од Секторот за инспекциски надзор велат дека постапката веќе е префрлена во секторот. Инспекторите ги идентификуваа сопствениците на времените објекти и ги повикаа да се обратат во секторот за сите прашања. Постапката ја спроведува кумановската инспекција, врз основа на барањето на Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природа, со цел реализација на програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура и согласно планот на програми за развој на Општина Куманово. Времените објекти се поставени пред повеќе од триесетина години.

Надеж има, велат чевларите. Важно е да се најде заедничко решение со властите кои треба да понудат поддршка на малите и средни претпријатија и производните капацитети. Тие се отворени за соработка со сите кои имаат предлози за надминување на последиците од кризата и сметаат дека по завршување и на оваа криза во Европа постепено ќе се стабилизира состојбата и кај нас. Сепак, она по што се карактеристични, е квалитетот на производот кој одлично поминува во земјите од Западна Европа. Уникатноста на производите, следењето на трендовите, квалитетот на изработката остануваат препознатлив белег за кумановските чевлари. Компаниите кои останаа, планираат да продолжат да се развиваат, да црпат искуства од западно-европските земји и заеднички со стручните училишта да аплицираат на проекти за формирање на млад кадар кој ќе го привлечат со атрактивни плати и добри услови за работа.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More