Според законските одредби донесени во 2016 година на поранешен премиер му следува возило на користење, возач и обезбедување, велат од Владата и нагласуваат дека не се точни информациите за давање возило на подарок. Станува збор за автомобил марка „шкода суперб“ произведено мината година.
Владата постапува исклучиво согласно обврските кои произлегуваат од Законот за влада, со измените донесени во 2016 година, според кои на поранешен претседател на Владата му се обезбедува на користење возило, возач, како и безбедносна заштита во онолкав период колку што му траел завршениот мандат, велат од Владата и нагласуваат дека не станува збор за подарок на возило.
„Владата нема ниту право, ниту постои таква законска можност или обврска, на било кој поранешен премиер или на било кој друг функционер да подарува возила”, реагира Владата откако во дел од медиумите беше објавено дека Владата му подарила на поранешниот премиер Зоран Заев нов луксузен автомобил марка „шкода суперб”.
Инаку, според овие законски измени, на претходниот премиер Никола Груевски во 2017 година му беше доделен возач, возило „фолксваген пасат“ како и обезбедување.
А и Заев, претходно, кога во 2020 година пред парламентарните избори ја напушти функцијата премиер заради 100-те дена „пржинска влада“ имаше добиено на користење возило „пасат“, но тогаш рече дека можеби повремено ќе користи само обезбедување.