На Уставниот суд му се заканува блокада ако пратениците не изгласаат нови четворица судии. За претседателката, Добрила Кацарска односот на пратениците е несериозен и тие не ја сфаќале улогата на Уставен кој во декември останува и без уште еден член. На судијката Вангелина Маркудова на крајот од годината и истекува мандатот, со што во составот ќе има само 4 судии. Според Кацарска со тоа ќе се наруши и угледот на државата пред меѓународната јавност.
Уште во април минатата година претседателот на Собранието Талат Џафери е информиран дека на тројца судии престанува мандатот. Потоа и во ноември, испратив писмо до Џафери со кое го информирав дека на еден судија му престанува мандатот на 14 јануари, но испратив и писмо со апел да се изнајде начин да се изберат овие четири судии изјави Кацарска.
Согласно Деловникот Уставниот суд може да работи и со пет судии, но Кацарска вели тежината на одлуките е сепак поинаква доколку за истата би дискутирале уставните судии во полн состав.
Од законодавниот дом, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ повикаа парламентарното мнозинство уште денеска да ја свика седница на Комисија за избор и именување и да ги достават своите предлози за уставни судии.
Секој член во Комисијата за избор и именување има право да даде предлог за уставни судии, а изборот се врши на пленарна седница. Единствени критериуми, според Уставот, се кандидатот да биде истакнат правник и да не биде член на партија. За изборот се потребни мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Уставниот суд треба да има вкупно 9 членови. Три фотелји се испразнија во јуни лани, а минатиот месец истече мандатот и на уште еден уставен судија.