Home » На селективниот курс за специјалци почина 25-годишен војник на АРМ

На селективниот курс за специјалци почина 25-годишен војник на АРМ

by Журнал.мк

Дваесет и петгодишен војник на Армијата на Република Северна Македонија синоќа починал на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје откако му се слошило за време на обука на полигонот Криволак, соопштија утрово од Генералштабот на АРМ.

Професионалниот војник А.Ј. бил еден од кандидатите кој посетувал курс за баталјонот специјални сили, кој изминатите дваесетина денови се одржувал на армискиот полигон.

Според ГШ на АРМ, вчера попладне по 18:30 часот, на самиот крај на изведувањето на последната дисциплина од селективниот курс – марш на долго растојание, без претходни видни знаци, во еден момент му се слошило и паднал во бессознание.

„Веднаш, со армиско болничко возило и придружба на воен лекар кои се постојано присутни на активностите на селективниот курс е однесен во најблиската здравствена установа, во случајот здравствениот дом во Неготино, по што веднаш по направените интервентни испитувања е упатен со болничко возило кон Клиниката- Карил во Скопје, каде по пристигнувањето од страна на персоналот се пристапило кон преземање на сите мерки за реанимација, но по кратко време се констатирала смрт“, соопштија од Армијата.

Јавен обвинител отворил истрага и дал насоки за понатамошната постапка и за утврдување на околностите за смртта на војникот.

„Официјалниот извештај за причините поради кои настанала смртта кај армискиот припадник ќе бидат соопштени по извршена обдукција од страна на Институтот за судска медицина во Скопје, по што јавноста ќе биде благовремено информирана“, наведуваат во соопштението од Армијата.

Според АРМ, починатиот војник го почнал 24-дневниот селективен курс во добра здравствена сотојба и одлична физичка подготвеност за цело време на предвидените активности на курсот.

Селективниот курс за избор на припадници на специјалната армиска единица “Волци” е најтешкиот курс во воено-безбедносните сили во Македонија. На крајот завршува со марш долг 100 километри на кој војникот носи опрема од 20 килограми. Помеѓу 10 и 20 проценти од пријавените успеваат да го поминат курсот и да ги издржат 24-те дена напорна обука.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More