Државниот завод за статистика ќе ги разгледа можностите заедно со Евростат за да добие експертска помош за пресметка на македонската медијална плата. Тоа е плататa што e токму на средината во низaта на сите плати подредени од најниската до највисоката. Оваа плата се смета за многу поверодостојна отколку просечната, но кај нас се пресметува само националниот просек.
– За да почне да се пресметува средна, или медијална плата, ќе му претходи и потпишување Меморандум за соработка меѓу ДЗС и Управата за јавни приходи – вели за „Слободен печат“ Дејан Станков, директор на ДЗС.
За значењето на средната плата, зборува и фактот што во согласност со новата Европска директива за минимална плата, земјите членки не смеат да ја дефинираат пониско од 60 отсто од бруто-средната плата, односно 50 проценти од просечната бруто-плата.
Основната разлика помеѓу просечната и медијалната плата е во начинот на пресметка и податоците што се обработуваат. Просечната плата се пресметува со делење на износот на исплатената плата (во месец, година…) со бројот на вработени на крајот на одреден период. Медијалната нето-плата, пак, претставува износ во однос на кој 50 отсто од вработените имале плата помала од неа, додека останатите 50 отсто од вработените имале повеќе. Односот меѓу овие две групи ја претставува средната плата, која во зависност од структурата може да биде значително помала од просечната и претставува пореална слика за заработката на национално ниво.
– Медијалната плата е важен индикатор за економистите и ние пред неколку години почнавме активности за пресметување на просечната плата од административни извори, при што беше променет начинот на пресметување на просечната плата од традиционално истражување кон податоци кои се земаат од Управата за јавни приходи – објасни Станков.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, просечната плата ги носи карактеристиките на секој „просек“ и не ги одразува вистинските состојби.
– Затоа во последно време наместо „просечна“, се користи „медијална“ плата, која е многу пореална и се добива како „средна“ плата, каде што половината од вработените земаат под, а половината над таа плата. Затоа медијалната плата е многу пониска од просечната и ја одразува вистинската „средна“ плата – објасни неодамна Димитров.
Статистичките институции од регионот, но и пошироко, редовно објавуваат податоци за таканаречената медијална заработка, како дел од нивното истражување за платите на национално ниво. Инаку, соседните земји, како Србија и Хрватска, официјално ја пресметуваат просечната, но и медијалната плата, додека црногорската статистика сè уште има само просечни, во нето и во бруто износи. Медијалната заработка во Србија, Републичкиот завод за статистика ја известува од март 2018 година како нова методологија за пресметување на просечната нето месечна заработка. Претходната пресметка, која се користеше од 1963 година, отиде во историјата бидејќи покажа поголема просечна заработка. Пред примената на медијалните плати, РЖС земала плати што биле исплатени во извештајниот месец, без разлика на кој месец се однесуваат и кога се остварени. И во Република Српска веќе се иницира Владата на Федерацијата БиХ да воведе статистички мониторинг на медијалната плата во БиХ.
– Причината зошто треба да се воведе медијалната плата е да се елиминира влијанието на екстремно високите и ниските примања, бидејќи просечната плата може значително да се наруши доколку има големи разлики помеѓу високите и ниските примања. Медијалната плата претставува средна точка, со што се елиминираат екстремните вредности и се обезбедува пореална слика за тоа колку заработува мнозинството од населението – оценија експертите во Република Српска.
Македонската статистика е целосно споредлива со европската
Директорот на ДЗС, тврди дека македонската статистика ги следи европските и меѓународните стандарди и регулативи.
– Нашите податоци се целосно споредливи со податоците на ЕУ и се реобјавуват од Евростат и од ММФ, што е доказ за квалитетот. Поглавјето 18 од процесот на пристапувањето кон ЕУ е дел од првиот кластер „Фундаментални вредности“ за кој Државниот завод има клучна улога во обезбедување точни, навремени, веродостојни и споредливи податоци кои се основа за пристапниот процес – нагласи Станков.