Home » На Македонија ѝ е потребен нов јавен обвинител

На Македонија ѝ е потребен нов јавен обвинител

by Журнал.мк

За да се има каков било резултат и успех во борбата против (а не за ) криминалот и корупцијата, потребна е „свежа крв“ на чело на Државното јавно обвинителство. Тоа подразбира избор на нов државен јавен обвинител, кој со сигурност не треба да биде од редот на постојните јавни обвинители. Тие доволно покажаа што и колку можат.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Во своите предизборни ветувања, идниот претседател на владата на Република (Северна) Македонија, Христијан Мицкоски, високо на скалата на приоритетите на новата власт ги стави борбата против криминалот и корупцијата и владеењето на правото. Дали во пракса тоа ќе биде така, останува да се види. Па, нели, надежта последна умира.

Факт е дека и пред седум години, кога СДСМ доаѓаше на власт, истата таа „борба“ против криминалот и корупцијата под мотото „Нема правда, нема мир“ беше високо на приоритетите на тогашниот нов мандатар Зоран Заев.

„БОРБАТА“ БАРА БОРЦИ

Извесно е како заврши таа „борба“ против криминалот и корупцијата олицетворени во срамните измени на Кривичниот законик, како правна основа за континуитет на неказнивоста и дивеењето на криминалот и корупцијата во државата.

Таквата „фактичка“ правна состојба на дневен ред исфрла две прашања како приоритетни. Првото е донесување, под итно, нов Кривичен закон и второ, исто така под итно, разрешување на постојниот и избор на нов државен јавен обвинител.

Не се потребни посебни образложенија за тоа зошто треба да се донесе нов кривичен закон, со оглед дека важечкиот во целост е насочен кон стимулирање на високопрофилираниот криминал и корупција.

Од друга страна, можете да имате и најсовршени закони, но ако нема кој да ги спроведува или, пак, ако ги спроведува на селективен и недоследен начин, тогаш резултатите ќе бидат такви какви што се во актуелниот момент на правниот и политичкиот поредок во Македонија.

Еден од првите предуслови за тоа е кадровската обнова на судиите и обвинителите, со оглед на фактот дека постојниот судски и обвинителски кадровски потенцијал е далеку под нивното на потребите и очекувањата на граѓаните и државата како целина.

СВЕЖА КРВ

Јасно е дека сите судии и обвинители не се вовлечени во криминалот и корупцијата. Но, исто така, е извесно дека во овие изминати години, ниту од страна на судиите, а уште помалку од страна на обвинителите, некој дигна глас и јавно посочи кој негов колега е дел од криминално-коруптивните структури во самото судство и обвинителство.

Борбата бара борци, а нив ги нема во самите судски и обвинителски редови. Или, што е повеќе од веројатно, ги има, ама немаат храброст да го дигнат својот глас против сопствените колеги, кои, по правило, се на повисоки функции во судско-обвинителската хиерархија.

Последниот случај со коруптивната афера, во која се вмешани судијата на Врховниот суд и член на Советот на јавни обвинители, тоа недвосмислено го потврди.

По неславното (и срамно) заминување на Љубомир Јовески од функцијата државен јавен обвинител, за негов наследник беше избран обвинителот од државното јавно обвинителство Љупчо Коцевски. Таквиот избор на претходната власт не може да се протолкува на друг начин, освен како обид и јасна намера да се обезбеди кадровска гаранција за понатамошен континуитет на неказнивоста и криминалот и корупцијата во државата.

За да се има каков било резултат и успех во борбата против (а не за ) криминалот и корупцијата, потребана е „свежа крв“ на чело на Државното јавно обвинителство. Тоа подразбира избор на нов државен јавен обвинител, кој со сигурност не треба да биде од редот на постојните јавни обвинители. Тие доволно покажаа што и колку можат.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More