Во рамки на сообраќајните контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава вчера од вкупно 613 издадени платни налози, 132 прекршоци се однесуваат за возачи кај кои по алкотестирање било утврдено недозволено количество на алкохол во крвта. Откриени биле и 114 учесници во сообраќајот кои немале возачка дозвола.
Како што информира МВР, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата 115 прекршоци се однесуваат на непочитување на пропишаната брзина на движење, 42 мерки за недозволено паркирање, додека прекршочно се казнети уште 37 лица кои не користеле сигурносен појас. Изречени се 10 мерки за возачи на мотоцикл за неносење заштитна кацига и седум санкции за возачи кои зборувале на мобилен телефон при возење.
Согласно Законот за возила, 24 возила биле отстранети поради тоа што биле нерегистрирани, а четири возила поради техничка неисправност.
– Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта, стои во соопштението од МВР.