МВР му поднесе кривична пријава на Митко Бојмацалиев, поранешниот шеф на кабинетот на Оливер Спасовски и дополнителен заменик министер за внатрешни работи,поради,,повреда на правата од работен однос“. Лани, според соопштението на министерството, тој го попречувал вработувањето на една од најдобрите студентки за безбедност, па поради тоа МВР бара привремено отстранување од неговото работно место. Кривична пријава е поднесена и против началничката на секторот за човечки ресурси во Скопје.
„Првопријавениот М.Б. – виш полициски советник за контрола, надзор и превенција на полицијата, стандарди и управување со квалитет во БЈБ, а во моментот на сторување на делото на работно место државен советник – шеф на кабинет на Министерот за внатрешни работи и второпријавената М.С. – началник на Сектор за управување со човечки ресурси, стручно оспособување и усовршување во Оддел за правни работи и управување со човечки ресурси, не придржувајќи се на законските одредби од Законот за внатрешни работи, кои се однесуваат на засновање на работен однос, повредиле, одзеле или ограничиле право што на работникот му припаѓа.
Имено, М.Б., свесно и со намера да не се склучи договор за работа помеѓу Министерството за внатрешни работи и С.Т. од Прилеп, на 27.10.2023 издал наредба на второпријавената М.С. да го повлече веќе изработениот, потпишан од Министерот за внатрешни работи и заведен во писарницата на МВР, договор за работа на С.Т., а второпријавената М.С. постапила по издадена наредба од првопријавениот и го повлекла веќе изработениот и потпишан договор за работа.
На тој начин на С.Т. ѝ го одзеле и ограничиле правото да заснова работен однос во МВР како дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност Скопје, а била вклучена во постапката за вработување како еден од најдобрите студенти од факултетот по препорака на Деканот на факултетот за безбедност, а која воедно успешно ги поминала сите фази од постапката за вработување и ги исполнила сите потребни услови за засновање на работен однос во МВР“, објави МВР.
Одделот за внатрешна контрола против двајцата ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки да бидат отстранети од работното место до завршување на дисциплинската постапка.