Полицијата и натаму без детали за тоа каде се наоѓа поранешниот вицепремиер Артан Груби, а молк и од државниот обвинител Љупчо Коцевски кој денеска не даде одговор на тоа прашање. Коцевски потврди дека потерница е распишана, но не одговори дали Груби се наоѓа во Косово или во некоја друга земја.
„Од страна на Јавното обвинителство секогаш се прибираат докази од страна на МВР, што значи јавното обвинителство спроведе обвинителство што значи дека сега чекаме да таа се спроведе, а во однос на тоа каде е Артан Груби во моментов не можам да кажам, ниту јавното обвинителство, со оглед дека тоа е надлежност на другите органи„, рече Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител.
Иако Груби веќе неколку дена е во бегство неговото семејство го ангажираше адвокатот Владимир Доневски како негов официјален правен застапник. Доневски со денови ги игнорираше медиумските повици, а денеска излезе со соопштение во јавноста, во кое повикува на непристрасност и неполитизација на постапката против Груби, тврдејќи дека тој не гледа елементи за сторено кривично дело.
„По утврдување на она со кое досега судот располага и анализа на аргументите на јавното обвинителство, според нас нема основи на соменвање за сторено кривично дело предвидено со закон.Одбраната и сите аргументи ќе бидат изложени во рамки на законски предвидената постапка, сè со цел да биде убеден и судот и јавниот обвинител дека нема кривично дело во дејствијата за кои се обвинува Артан Груби„, рече Владимир Доневски, бранител на Артан Груби.
Груби е второосомничен во случајот со злоупотребите во Државна Лотарија каде е направена штета од над осум милиони евра. Полицијата направи претрес во неговиот дом, но ниту тој ниту првоосомничениот Перпарим Бајрами, ексдиректор на Државна Лотарија, не се наоѓаат во земјава. За Бајрами неговиот адвокат рече дека веќе неколку месеци е преселен надвор од земјава, додека за Груби МВР поведе дисциплинска постапка поради направен пропуст во моментот кога Груби ја напуштил земјава преку граничниот премин Блаце. Покрај Бајрами и Груби, во овој случај осомничени се и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски.