Европската перспектива на земјава и состојбите во регионот на Западниот Балкан беа главни теми на средбата во Брисел на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино.
На средбата, со која Муртезани ја заокружи работната посета на Брисел, тој покрена неколку клучни прашања од суштинско значење за европското досие на Северна Македонија и за зајакнувањето на нејзината усогласеност со стандардите и политиките на ЕУ.
Во разговорот беше нагласена важноста од искористување на обновениот момент за динамизирање на процесот на проширување на ЕУ во актуелниот геополитички контекст, како проект кој ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и просперитетот на земјите од Западниот Балкан.
Муртезани изрази и благодарност за финансиската поддршка од Европскиот мировен фонд (ЕПФ) за земјава во износ од 13 милиони евра, кои ќе помогнат за модернизација на нејзините одбранбени капацитети и за поголем придонес во безбедносните иницијативи на ЕУ. Тој ја потенцира и важноста од претстојното склучување на партнерството меѓу Северна Македонија и ЕУ во сферата на одбраната и безбедноста, со што земјава ќе биде една од првите држави што ќе потпише ваков документ со Унијата.
Санино, од своја страна, ја поздрави целосната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се што се потврдуваат стратешката европска ориентација на земјата и почитувањето на основните принципи и вредности на надворешната политика на Унијата.
За време на дводневната работна посета на Брисел, Муртезани имаше средби и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, со генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, со директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Валентина Суперти и со раководителката на Одделот за Албанија и Северна Македонија при ГД НЕАР, Сигрит Бретел, со кои разговараше за тековниот евроинтегративен процес на земјата, чекорите што претстојат за понатамошен напредок, како и за имплементацијата на Планот за раст за Западниот Балкан на Европската комисија и поврзаната со него Реформска агенда.