Теди Шерингам, некогашниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, предвидува дека Ерик Тен Хаг ќе биде отпуштен пред Божиќ.
Јунајтед во првите три кола од новата сезона претрпе два порази и се наоѓа на 14-то место на табелата на Премиер Лигата, а навивачите посебно ги боли катастрофалното издание на екипата во дербито со Ливерпул (0-3).
Шерингам ја анализирал моменталната состојба во Јунајтед и вели дека Холанѓанецот не е тренер за неговиот поранешен клуб.
„Кога сезоната ќе ја завршите како осми, тоа навистина не е добро за Манчестер Јунајтед. Крај, точка. Морате да го промените тоа што се случува. Кога ќе ја погледнете непостојаноста минатата сезона и тоа што следи, без дилема можете да кажете дека немало никаква промена“, вели Шерингам.
Тој и натаму е загрижен што Јунајтед нема јасно дефиниран стил на игра.
„Поинакви играчи, можеби. Но и натаму нема промена на филозофијата и тоа како Тен Хаг сака да игра. Не сакам кога се отпуштаат луѓе. Не е убаво да се каже дека луѓе не би требало да бидат на некоја позиција, но нему не му е местото таму. Тоа е не е доволно за Манчестер Јунајтед“.
Тој дал јасна прогноза што го очекува Тен Хаг во продолжение од сезоната.
„Дали менаџерот ќе биде тука до крајот на сезоната? Мислам дека нема. Ќе си оди пред Божиќ“, заклучил Шерингам.