Во сабота, на 10-ти февруари, Музејот на современа уметност од Скопје организира дневен настан-матине со почеток во 12 часот кое ќе биде најава за програмските активности во јубилејната 2024-та година, кога МСУ прославува 60 години од создавањето. Инаку, музејот е основан на 11 февруари 1964-та година.
На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 – 2023). По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963-та година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ-Скопје и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања – најавуваат од МСУ.
Џанфранко Барукело, италијанскиот сликар, скулптор, перформер, писател, политичар и фармер, кој по земјотресот на Скопје и на МСУ му го подари своето дело „Потребна доблест“ (1963, комбинирана техника на платно, 190×200 см), почина на 98 години во Рим, на 10 јануари 2023 година. Неговото идиосинкратично творештво, кое во многу нешта им претходи на постмодернизмот и релационата естетика, не припаѓа на ниту еден од естетските канони или на современите главни струења, развивајќи го својот интердисциплинарен пристап во комплексни бележења на процепот меѓу вербалниот и визуелниот јазик. Пријателство со Марсел Дишан, кој го сметал за негов вистински наследник, како и неговата соработка и творечка и идејна блискост со Итало Калвино, Умберто Еко, Ж. Ф. Лиотар и Нани Белестрини, учеството во бурните политички настани во 1960-тите години заедно со филозофите Гатари, Ален Жуфре и Лебел, па сè до неговата селска екофарма во 1970-тите години во близината на Рим, ја сочинуваат богатата и возбудлива биографија на единствениот Џанфранко Барукело.
Меѓу другото на овој настан ќе биде промовиран и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр. 35/36 (2023), во кое тема се актуелните дебати во критичката музеологија и се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти што ги адресираат и вончовечките простори.
По формалното отворање, кустосот-водич на МСУ, Бојана Јанева, стручно ќе ги презентира тековните поставки во Музејот.