23 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Може ли противречностите меѓу Скопје и Софија да се средат преку медијаторот Бучковски?

Најчитани вести

Република Бугарија стави вето на почеток на преговорите на С. Македонија со Европската Унија и со тоа застана на патот на европската интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји-членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите. Во март, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји-членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок, С.Македонија е подобра од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Според македонската Влада, ветото на Република Бугарија е неодговорна геостратешка грешка.

„Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија. Владата на Северна Македонија нема да дозволи застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста во демократски реформи што ја имаме во регионот“, објави владата овој месец, откако веќе беше познато дека оваа година нема да ги започнеме пристапните преговори со ЕУ.  Оттука, вистинското прашање е дали може да се постигне некакво придвижување во преговорите следната година, со оглед на тоа што кон крајот на март треба да се одржат парламентарните избори во соседна Бугарија.

Бугарскиот аналитичар Велизар Енчев – доктор по меѓународно право и поранешен амбасадор на Бугарија во Хрватска, за „Локално“ вели дека  е убеден сум дека до парламентарните избори во 2021 година Бугарија нема да го подигне ветото и Македонија ќе остане во чекалната на ЕУ.

„Не доаѓа предвид да се повлечеме, дури и ако канцеларката Ангела Меркел на крајот побара од Софија да го стори тоа. Владата на Борисов има премногу гревови во овој мандат, за да си дозволи да ја наведне главата пред Берлин и да ја подигне бариерата . Антибугарската кампања од комунистичка Југославија автоматски се пренесе во политичката реторика на Република Македонија, која стана независна држава на 15 јануари 1992 година, а Бугарија прва ја призна таа независност. Но, во Југославија на Тито имавте изговор дека антибугаризмот е дело на српските комунисти и на Хрватот Јосип Броз Тито. Сега го немате тоа алиби“, изјави Енчев.

Според него, бугарската влада има целосен консензус за „македонското прашање“, потврден од сите партии во Националното собрание и од Бугарската академија на науките (БАН) и тешко е дека ќе дојде до омекнување во преговорите.

„Значи, нема сила – внатрешна или надворешна – што може да ја принуди бугарската влада, каква и да е, да ја пушти Република Северна Македонија во ЕУ пред Скопје да ги исполни бугарските услови. А, условите се јасни – ревизија на учебниците по историја, литература и географија во средните училишта и универзитети во вашата земја, завршување на говорот на омраза во македонските медиуми, признавање на бугарските корени на вашиот јазик и историја. Додека во вашите учебници Бугарија е претставена како земја на Хуни и Татари, а голем дел од нашата средновековна и ренесансна историја е присвоена како „македонска“, ние нема да се предадеме. Кажете ми кој Бугарин нема да биде огорчен од оваа реченица во учебниците по македонска историја: „Бугарите беа монголско-татарско племе, од турската етничка група. И како залутано племе, тие се занимаваа со одгледување коњи, лов и грабеж“ … Си дозволувате ваква вербална агресија против Бугарија, што е неприфатливо во цивилизираниот свет! И, како да не се смееме од поради овој пасус од вашите учебници: „Жителите на денешна Република Северна Македонија се потомци на антички Македонци и митскиот херој Македонија, приспоени од словенските племиња во 5-8 век“.

Да беше до  мене, ќе го повлечев бугарскиот амбасадор во Скопје и ќе го спуштев рангот на нашата амбасада – како одговор на изјавата на македонскиот претседател Пендаровски дека „бугарскиот парламент личи на севернокорејскиот парламент“… Премиерот Борисов не одлучува за овој дипломатски чекор, но се дискутираше како опција. Барем за мене е чудно што премиерот Зоран Заев верува дека ЕУ и САД ќе не принудат да ги проголтаме овие учебници и да ја поминеме антибугарската кампања во Република Северна Македонија“, истакнува Енчев.

На прашањето, како го коментира тоа што Чешка и Словачка го блокираа усвојувањето на заклучоците за Западен Балкан во Советот на ЕУ, односно не се согласуваат со текстот за Р. С. Македонија, предложен од германското претседателство, аналитичарот вели дека всушност и не го разбира проблемот.

„Ние како Балканци, не ги разбираме малцинските проблеми во минатото помеѓу Чехословачка и Полска, на пример, но не се сеќавам дека Прага и Братислава имаа резерви во однос на грчката непопустливост кон името и знамето на Република Македонија, кои траеја скоро три децении. Сепак, во Европа, САД и Австралија, Бугарија нема толку силно лоби како што има Грција на овие три континенти. Да не зборуваме за македонското лоби ширум светот, супериорно во однос на бугарското лоби во САД, Канада, Европа и Австралија. Патем, каде исчезнаа околу 80.000 ваши граѓани, кои прифаќаа бугарско државјанство, за време на пописот во Република Македонија? Или тие се плашат да признаат дека прогласиле бугарска самосвест за да добијат бугарски пасош или вашата статистика намерно не ги зема предвид кога се брои. Очигледно, Чесите и Словаците треба да бидат свесни за овој вознемирувачки страв и овие статистички манипулации“, посочи тој.

За интервјуто на Заев за бугарската новинска агенција БГНЕС, Енчев смета дека е искуство за восхит, но е некако доцна.

„Тука вината е главно наша. Бугарија мораше да ги покрене контроверзните прашања на учебниците за време на преговорите за членство на Македонија во НАТО, детално запознавајќи ги нашите евро-атлантски партнери со овој проблем. Потоа ја подигнавме пречката до Северноатлантската организација без никакви услови. Бидејќи Красимир Каракачанов и Бојко Борисов не се осмелуваа да им се спротивстават на САД, кои инсистираа на вклучување на Македонија во пактот по брза процедура, поради замислената руска и кинеска закана. Да, Русија и Кина имаат воено-политичко и економско влијание во соседна Србија и во Република Српска во БиХ, но Македонија е во сосема поинаква ситуација. Албанците во вашата земја се пречка за вакво влијание, што се забележува само во круговите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува до т.н. бугарска окупација, еве Заев има право. Ние сме ослободители на Вардарска Македонија од српската окупација, која започна во 1919 година и заврши во 1941 година. Проблемот е што ние го спроведуваме ова ослободување со несоодветен сојузник како што беше нацистичка Германија и дека на Париската мировна конференција во 1946 година Бугарија беше третирана како поразена земја. Но, дали во Македонија има спомен-плоча на која е напишано навредливиот „германски фашистички окупатор“ за Ангела Меркел?“, прашува поранешниот амбасадор во Хрватска.

Околу назначувањето на Владо Бучковски за специјален пратеник за Бугарија од страна на македонската влада, Енчев истакнува дека и доколку Хенри Кисинџер дојде на Балканот, резултатот ќе беше негативен и компромисите неостварливи.

„Во бугарско-македонските односи има планини на противречности и меѓусебна недоверба акумулирана со текот на годините. Само локален медијатор кој ги знае овие несогласувања одвнатре може да има успех. Владо Бучковски е вистинскиот човек! Прашањето е дали тој има пошироки овластувања за директно преговарање, вкл. отстапки од македонска страна, или е само претставува дипломатски курир. Всушност, вашата задача е потешка затоа што сè уште не го срушивте Берлинскиот ѕид, кој ги разделува граѓаните на Бугарија и Република Северна Македонија. Уривањето на овој ѕид поминува низ болно преиспитување на националниот идентитет. Каква ревизија направивте со Преспанскиот договор и се откажавте од апсурдната антиквизација?“, вели тој.

За реториката во изјавите на Пендаровски, Заев, Борисов и Каркачанов околу ситуацијата, дипломатот посочува дека „навредливата реторика во нашите учебници е толку брутална и навредлива за нив што не може да се спореди со најарогантната изјава на некој бугарски политичар“.

„Всушност, зошто не се користат такви епитети за Кајзер и Хитлерова Германија, кои во две светски војни војуваа на т.н. Македонски фронт и извршија злосторства против човештвото и на грчка и на југословенска територија? Македонскиот проблем“ е дело на балканските политичари. За „македонското прашање“ мора да одлучуваат политичари, а не историчари. Оние кои го заплеткале овој „Гордиев јазол“ можат само да го пресечат“, заклучува аналитичарот.

Политикологот и професор по политички науки, Антони Тодоров исто така смета дека тешко ќе се постигне договор меѓу С. Македонија и Бугарија до парламентарните избори во март 2021 година.

„Затоа што главната пречка доаѓа од националистичките партии во владата, претежно ВМРО-БНД и Националниот фронт за спас на Бугарија (НФСБ). Од нив најмногу доаѓаат тврдењата на бугарската страна, а другите повеќе ги следат. Парадоксот е што имаме судир на два национализми: ВМРО-ДПМНЕ од македонска страна и ВМРО-БНД (Бугарско национално движење) од бугарска страна. Тие тврдат дека се иста традиција, но секој од нив сака целосно да ја присвои. Ова е многу штетно за иднината и токму за него можеме да направиме нешто. Не можеме да ја смениме историјата“, потенцира Тодоров за Локално.

На прашањето дали би дошло до омекнување на преговорите доколку дојде до промена на власта во Бугарија, политикологот вели тоа зависи од владината коалиција.

„Ако ГЕРБ повторно е со националистите, тешко дека ќе има некоја значајна промена. Ако е ГЕРБ со други партии, како и ако е влада од други партии, може да има одредено омекнување на бугарската позиција. Но, тешкотијата доаѓа и од фактот дека јавното мислење во Бугарија долго време беше некако обработено во насока на легитимноста на бугарските претензии кон РС Македонија. Затоа, секоја влада, во страв од губење на гласачите, ќе биде многу внимателна и нема да покаже никаква храброст. Сепак, мора да има компромис, но политичката соработка не треба да зависи од работата на т.н. историска комисија. Ние треба да се фокусираме на нашите проблеми денес и да ги решиме, на пример, транспортните коридори, железницата, гасоводите, трговијата, културната размена“, смета тој.

За него, многу земји од ЕУ не ги разбираат бугарските тврдења, особено оние што се однесуваат на историјата.

„Историските прашања не се решаваат со меѓудржавни договори, можно е само да се ограничи политичката употреба на историјата. Чешка и Словачка се покажаа само портпароли на повеќе земји од ЕУ. Многу европски влади се изненадени што Бугарија дури сега ги изнесува своите тврдења и не го стори тоа многу порано“, изјави Тодоров.

Околу интервјуто на премиерот Зоран Заев за агенцијата БГНЕС, кое ја разбранува јавноста во двете земји, професорот вели дека ова е обид да се постигне некаков договор со Бугарија, односно гест на помирување.

„Но, ако треба да бидеме искрени со историјата, за време на Втората светска војна, денешна Северна Македонија првично беше окупирана од Вермахт, а потоа администрацијата им беше предадена на бугарските власти, кои воведоа окупациони корпи (така се наречени овие воени единици дури и во бугарската историографија) Тие беа повлечени во септември 1944 година од новата влада на ОФ во Бугарија. Според постојните сфаќања во Бугарија, ова било време на „национално обединување“, но вистината е дека тоа се случило со помош на Хитлер, па дури и по војната никој не го препознал. И, имаше очигледен отпор против бугарската администрација“, смета тој, додавајќи дека назначувањето на Владо Бучковски за специјален пратеник за Бугарија е повторно желба на нашата владата да најде компромис и разбирање со Бугарија.

„Мислам дека г-дин Владо Бучковски е компетентен и може да биде многу добар медијатор за оние што наоѓаат компромис. Се надевам дека ќе дојде до успех“, посочува Тодоров.

За реториката во изјавите на главните актери во оваа ситуација, политикологот изјави дека е тажно што има такви прилично груби изјави на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.

„Ова не е јазик на дипломатијата и само ги комплицира работите. Го ценам многу повоздржаниот тон на властите во Р.С. Македонија, што е доста различно од тонот во некои македонски медиуми. И во Бугарија нема едногласно прифаќање на позициите на вицепремиерот Каракачанов. Неодамна, Бугарската заедница за либерална демократија (БОЛД) го објави својот став по ова прашање, што се разликува од официјалната владина позиција, затоа што Бугарија има национален интерес Р.С. Македонија да биде во НАТО и во ЕУ и границата меѓу нас да биде само административна“, заклучува професорот по политички науки.

Експертот за меѓународна и национална безбедност, Андреј Врабчев од бугарската фондација „Татковина“ вели дека доколку владата на Борисов се најде во непријатна позиција во ЕУ, може да се најде решение како да се оди напред, но сè додека ВМРО-БНД е коалициски партнер, темата ќе се злоупотребува, со што ќе се отежне напредокот во преговорите со С. Македонија до изборите во март.

„Особено во услови на изборна кампања. Можниот исход е напорите да се пренасочат од споровите кон заедничките задачи и интереси, кон спроведувањето на сите точки на договорот (кои во моментов се заложници на историскиот спор). Потребен ни е транспарентен и мерлив план за развој на нашите односи на регионално и европско ниво. План кој утврдува јасни цели, задачи, средства, рокови и критериуми и заемни гаранции. Само на овој начин ќе се создаде клима за широко учество на јавноста во процесите на кохезија, што ќе доведе до запознавање, запирање на јазикот на омраза и разбирање. Договорот за добрососедство мора да послужи за изградба на филозофија на нашите односи, која не се базира толку на буквата, колку на духот на договорот. Или едноставно кажано, нашите односи треба да бидат структурирани околу принципите на активна соработка, посебен третман во сите области и реализација на заеднички успех, стратешко партнерство и нашата отвореност еден кон друг. Ова се работи што треба да се надополнат и да се артикулираат јасно пред нашите општества. Мислам дека наоѓање на решение не може да се случи до март “, вели тој.

За Врабчев, анкетите за ставовите на гласачите покажуваат дека новиот парламент ќе има повеќе партии отколку што има во моментов  и не е сигурен дека промената на власта во Бугарија може да донесе нешто ново во преговорите со Северна Македонија.

„ГЕРБ и БСП се скоро израмнети. Можните коалициски партнери ќе бидат од голема важност за формирање влада. Обединетите патриоти, во кои ВМРО е во коалиција со НФСБ, се на прагот да влезат во Националното собрание. Ова значи дека Какракачанов ќе го задржи или дури и ќе го засили своето провокативно однесување со цел да го еманципира гласачкото тело. Отсуството на Каракачанов од идниот парламент и влада сигурно ќе создаде услови за порамномерено и пофлексибилно однесување. За жал, проблемот со кој се соочува секоја влада е рамковната позиција што треба да се земе предвид. Исто така беше усвоен со гласовите на БСП (сестринската партија на СДСМ), кој исто така практикува популистички „патриотски“ говор и е отворено русофилна. Да не се лажеме, на меѓународно ниво, Русија има најголем интерес да го оддалечи Скопје од Софија и Брисел. Конечно, мора да го додадеме претседателот Радев, кој исто така е цврст по ова прашање“, изјави експертот.

Околу потегот на Чешка и Словачка, да го блокираат усвојувањето на заклучоците за Западен Балкан во Советот на ЕУ, Врабчев смета дека она што предизвикува сомнеж беше начинот на наметнување на вето по потпишувањето на текстот ден претходно.

„Постојат многу шпекулации за оваа одлука, знаете дека Словачка не го признава Косово, па тука можете да барате врски во поголема слика и идните политики за интеграција. Верувам дека образложението дадено од обете страни едноставно треба да се прифати и да се придвижи напред. За жал, она што се случи не ги решава или откажува проблематичните прашања, и оние меѓу нас и оние што ќе постојат во иднина пред другите земји од Западен Балкан. Но, се чини дека ги стави историските спорови надвор од ЕУ. Бугарија и Македонија мора да сфатат дека сме во заблуда ако бараме судии и медијатори, бидејќи на овој начин го зголемуваме чувството на конфликт, на натпревар на кој му треба неопходен некој актер од трета страна. Нашите проблеми не можат и не треба да се решаваат со прогласување на победник или губитник“, посочува тој.

Според него, интервјуто на премиерот Заев за новинската агенција БГНЕС не е исклучок.

„ Јавната рефлексија е емотивна, а не политичка. Навистина, тој зборува за малку познати факти, што е причина за насилната реакција. Ова ја вклучува и неговата изјава за бугарската администрација. Да, Југославија е окупирана од Германија, а не Бугарија. На овој начин, тој освојува позиции во Бугарија, бидејќи ова е прифатено како еден вид признание, но исто така трпи критики, бидејќи ставот и очекувањето се за „целосно признавање и признавање на работите до крај“. Во исто време, Заев не ги напушта вообичаените позиции на Македонија.

За да не обедини, нашата заедничка историја мора да ја раскажуваат не политичарите, туку научниците и универзитетите. Тука се согласувам со Борисов и Заев дека историјата треба да им се остави на историчарите. Но, веднаш сакам да додадам дека без политичка волја, историчарите нема да најдат сила да го сторат тоа“, прокоментира Врабчев, додавајќи дека никогаш немало партија со фашистичка идеологија во Бугарија, ниту пак функционирал фашистички режим.

„Имаше националистички чувства и ние бевме сојузници на Германија. Доколку премиерот и Владата ја сфатат погрешната дефиниција, таа мора да се избрише од перцепциите и ставовите на јавноста, а не само од неколку споменици. Ова бара повеќе едукативна, отколку графичка интервенција. Невозможно е решение на парче – споменик по споменик. Потребно е заедничко решение, како за ова, така и за избришаните или уништени воени гробишта, споменици и надгробни споменици“, изјави тој, давајќи одговор на прашањето што мисли за бришењето на „бугарски фашистички окупатор“ на дел од спомениците низ Македонија.

За вклучувањето на поранешниот премиер, Владо Бучковски во процесот на преговори, експертот смета дека во тешки времиња, Македонија секогаш испраќала претставници кои изјавувале за нивниот добар став кон Бугарија.

„ Проф. Бучковски отворено испраќа сигнали и го кажува својот став дека Бугарија е најблизок партнер на Македонија. Мојот впечаток е дека тој е искрен во ваквото однесување и ја разбира важноста на градење партнерство меѓу нас. Тој ја сфаќа потребата за комуникација во сите области и нивоа, за да се постигне вистински напредок во односите. Можен компромис, ако сме далекусежни, е да ги напуштиме споровите и да се фокусираме на нашите интереси, да бидеме што е можно поотворени едни кон други. Ова за возврат ќе создаде услови за безболно надминување на споровите во подоцнежната фаза. Сепак, проф. Бучковски се соочува со тешка задача“, додава Врабчев.

Тој вели дека Заев, Пендаровски и Османи се исклучително свесни дека ако почнат да одговараат со навредлива реторика, тоа  ќе даде аргументи дека постои непочитување на Договорот за добрососедство.

„Покрај тоа, тие практично ќе учествуваат во поттикнување на националистички чувства, што не им оди во прилог ниту на домашната, ниту на надворешната политика. Мислам дека  говорите на политичарите што се занимаваат со темата Македонија, имаат за цел да им дадат посигурен изглед, особено што стана очигледно дека избраниот пат нема да им донесе слава и победи.

Што се однесува до Каракачанов, тој е еден од луѓето вклучени во шемата што ја опишав погоре, поточно поднесување забелешки помеѓу „завојуваните“ сили, кои го насочуваат вниманието и енергијата кон празни зборови и одржуваат јавни негативни ставови, без кои би било загрозено неговото политичко постоење. Ако погледнете назад, ќе видите дека тој е вклучен на овој начин во добро избрани моменти, претставувајќи се себеси како израз на народот, што е далеку од вистината. Неговата улога е да одржува конфликти отколку да брани какви било интереси. За жал, целото негово однесување и резултатот од неговата „работа“ може да се мерат во засилување на непријателството, а не во зајакнување и приближување меѓу нас. Нашиот интерес е да бидеме тандем и да формираме јадро на стабилност на Балканот, околу кое може да се развие целиот регион, напуштајќи ги судирите. Ова бара добар тон и разбирање. Секој што го прекршува ова не може да биде израз на нашите национални интереси, туку служи на трета страна“, заклучува во својата изјава бугарскиот експерт  за меѓународна и национална безбедност.

Бугарското Министерство за надворешни работи ги повика властите во Скопје „да преземат мерки за ставање крај на говорот на омраза и за заштита на нивните граѓани со бугарски идентитет“. Во објава на Фејсбук, Министерството за надворешни работи исто така соопштува дека „внимателно ги следи постојаните објави на социјалните мрежи со списоци на бугарски граѓани во Р.С. Македонија, во кои се повикува на справување со нив“.

Во декември, во интервју за германски „Ди Велт“, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева рече дека „за жал, идејата за градење нација заснована на омраза против Бугарија е сè уште државна политика“ во Македонија, истакнувајќи дека премиерот Зоран Заев исто така станал жртва на омраза по неговиот обид да ѝ подаде рака на Бугарија за историските прашања.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести