Home » МОН повеќе нема да биде најголемата печатница во Македонија, учебниците се враќаат кај издавачите

МОН повеќе нема да биде најголемата печатница во Македонија, учебниците се враќаат кај издавачите

by Lina Muslija

Сигурна сум дека повеќе нема да имаме грешки во учебниците како во минатото, Бугарија да е на запад, Монт Еверест да е висок 29 километри, вели Јаневска во интервјуто за Умно.мк

Закон што ќе ја олесни постапката за набавка на квалитетни учебници, државната матура во формат што го бараат учениците, образовни асистенти за средношколците со попреченост, државна поддршка на талентираните ученици се дел од планираните измени во образованието кои според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, веќе се случуваат. Од овој месец за 14 осто ќе пораснат платите во високото образование, а во март за 7,5 отсто во основното и средното образование. Таа вели дека проблемите во образованието се многу, но од некаде мора почне решавањето.

Од изминатите шест месеци како министерка за образование и наука, каде ги воочивте најголемите проблеми во македонскиот образовен систем?

– Дисконтинуитет на образовните промени кои еден министер ги започнува, а другиот по него ги стопира и наметнува свои. Демотивирани наставници на кои не им е дозволено да изградат авторитет, со плати под минималната и без доволно можности за професионален и кариерен развој. Ученици кои поминуваат на училиште недоволно време. Недостиг на квалитетни учебници, наставни помагала и современа опрема за наставници и ученици. Несоодветна и неоптимизирана инфраструктура. Голем комодитет во високото образование каде ништо се нема случено со години, без модерни студиски програми кои би биле усогласени со пазарните потреби. И секако, наука за која никогаш не се издвојувале доволно пари. Ако треба да издвојам, ова се покрупните предизвици за кои ние како нова Влада имаме одговори и тие се содржани во нашата работна програма. И таа веќе се реализира, така што, се движиме во добар правец и ќе го зајакнеме образованието како еден од столбовите на кои се потпира развојот на Македонија.

Законот за средното образование не ја мина собраниската процедура, иако се менува по 20 години. Дали и какви темелни реформи во средното образование предвидува овој документ? Кои се најголемите промени што треба да ги донесе овој закон и како конечно ќе го поврзе материјалот што се изучува во основно со тој во средно, со оглед на тоа што со години беа некомпатибилни?

– Законот за средно беше дел од една поширока, нова законска регулатива која ја предложивме како Влада и која треба да обезбеди добра основа за понатамошно градење на поквалитетен образовен систем. За жал, само тој не ја помина собраниската процедура, затоа што, наместо да се зборува за суштината на тој закон, опозициската ДУИ наметна тези кои дискусијата ја претворија во политичка, а како главен проблем беше посочена опцијата за интонирање на македонската химна во училиштата, со претходна одлука на локалните самоуправи. Не ми се допадна нивната идеја да го закочат целиот процес на усвојување на законите и затоа, одлучив овој да биде повлечен. Жалам што не ги препознаа придобивките. Не увидоа дека ја уредуваме државната матура во формат кој го бараа учениците, дека ќе се овозможи ангажирање образовни асистенти за средношколците со попреченост, ангажирање на тутори и ментори за учениците кои имаат потешкотии во учењето, кариерни советници, поддршка за ученици да учествуваат на престижни меѓународни натпреварувања… И тоа покажува дека нивната грижа за образованието е „како и до сега“, рамна на нула, а интересите се сосема други. Како и да е, законот ќе го вратиме во Собранието откако ќе ја подобриме неговата содржина.

Какво решение ќе донесе законот за поддршката на талентираните ученици и нивното учество на меѓународни натпревари, што предизвикува големи проблеми во изминатите години? Поради актуелниот Закон, државата никако да им даде финансиска поддршка на овие ученици и нивните ментори, иако постигнуваат фантастични резултати.

– Оние можности кои постојат во Законот за основното образование, ги пресликавме и во регулативата за средното образование. Здруженијата на наставници преку кои се испраќаат ученици на меѓународни натпревари и олимпијади, ќе можат да побараат од МОН средства за покривање на дел од трошоците за пат и за котизација на натпреварите. Искрено жалам што минатата година имавме најголем број македонски ученици досега, кои од престижни натпревари се вратија со освоени високи места и медали, а немавме начин како да ги помогнеме за да стигнат до таму. Многу се заложив да најдеме начин и се обратив до бизнис заедницата во Македонија, па така повеќе општествено одговорни компании излегоа во пресрет. Но, сосема поинаку ќе биде кога ќе имаме системско решение. Државата ќе гарантира поддршка за нашите таленти, кои никако не смееме да ги испуштиме и да дозволиме да си заминат поради незадоволство од недоволна грижа.

Рековте дека ќе се задржат добрите страни на Законот за основно образование, ќе се менуваат нештата што се нефункционални. Историја, географија, биологија, физика и хемија ќе се враќаат како посебни предмети. Кога стапува во функција оваа промена, и како ќе се реши проблемот со учебниците, особено по биологија, физика и хемија? (Во овој момент учениците сè уште учат од учебниците според Кембриџ програмата кои се комплетно нефункционални).

– Оваа учебна година, новата Концепција за основно образование требаше да почне да се имплементира во седмо одделение и предвидуваше спојување на предмети како историја, географија и граѓанско образование, но и хемија, физика и биологија. Сепак, бројните реакции првенствено на наставниците, кои во минатото биле игнорирани, ние решивме да ги слушнеме и прифатиме. Наставниците се во право. Многу е тешко да се организира предавање на споени содржини. Тие не добиле ниту соодветна обука како е правилно да ги реализираат часовите, а на многу од прашањата кои ги поставиле на тие „какви – такви“ обуки, не добиле никаков одговор. Тоа не може така. Кога планирате да спроведете нешто ново, теренот мора и добро да биде подготвен. А на овој терен, главната улога ја имаат наставниците. Според нив, ваквата промена не беше добра и тие не беа подготвени да ја спроведат. Затоа ги одвоивме повторно предметите, а учениците сега ја учат материјата преку користење на старите учебници, како преодно решение. Следната генерација ќе учи по нови учебници.

Во однос на новиот Закон за учебници, како новата легислатива ќе ја олесни оваа област, во време кога малкумина автори се пријавуваат да пишуваат учебници, скоро и да нема рецензенти за нив?

– Законот за учебници е усвоен од страна на пратениците. Тој многу ќе ја олесни постапката за набавка на квалитетни учебници. Министерството за образование и наука повеќе нема да биде најголемата печатница и издавачка куќа во државата. Отсега издавачките куќи ќе конкурираат со свој предлог-учебник на секој оглас, ќе ги печатат и испорачуваат. Рецензентските комисии ќе одлучуваат кој учебник ја има најдобрата содржина, ќе ја филтрираат содржината, а конечната одлука и натаму ќе ја носи Националната комисија за учебници. Сигурна сум дека повеќе нема имаме грешки во учебниците како во минатото, Бугарија да е на запад, Монт Еверест да е висок 29 километри.

Најавивте и нов закон за високо образование. Колку е консултирана академската заедница, дали универзитетите доставија предлози за подобра функционалност и колку овие предлози се имплементирани во документот што се подготвува?

– За тоа какви промени треба во високото образование, ќе одлучи Национално координативно тело кое го формиравме исклучиво за оваа намена и кое е сеопфатно и инклузивно. Јас го раководам, но во него членуваат претставници и на други државни институции, на универзитетте и Интеруниверзитетската конференција, бизнис заедницата, студентите, граѓанските организации и така натаму. Па оттука и кога ќе имаме првична верзија на новиот закон за високото образование, ќе биде споделена со членовите на ова тело и сите заедно ќе ја утврдиме финалната содржина која ќе се проследи до пратениците. Очекувам да имаме успешна соработка и позитивни резултати, а меѓу нив и добар закон кој ќе го уреди и ќе го направи пофункционално и поквалитетно високото образование.

Колку ќе изнесува буџетот на МОН за 2025 година, дали сте задоволна од оваа бројка, колкав процент ќе остане за секторот наука?

– Буџетот за образование во 2025 година изнесува 40 милијарди денари. Ме прашувате дали сум задоволна, ќе речам дека и сум и не сум. Задоволна сум затоа што ова е најголемиот буџет досега, но тој треба да биде уште поголем во иднина. И ќе биде. Оваа Влада дава приоритет на образованието и науката и во нашата програма, заради која ја добивме мнозинската доверба од граѓаните, се обврзавме образовниот буџет во следните 4 години да се зголеми на 5 отсто од БДП. Досега беше 3,4 отсто. Конкретно за науката, буџетот оваа година е речиси двојно поголем од лани. Ако во 2024 беа предвидени 380 милиони денари, сега обезбедивме 680 милиони денари.

Научниците со години апелираат дека науката во Македонија е во очајна состојба во поглед на државното финансирање. Овој факт е пресуден за раст на универзитетите на светските листи на рангирање – без пари, нема истражувања, нема раст. Се формираше Националното координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот, но чинам неговата функција е исклучиво советодавна, нема правно-обврзувачка функција. Каква е краткорочната и долгорочната стратегија за оваа област?

– Македонија има усвоено Стратегија за паметна специјализација, работена со поддршка на Европската Унија и таа ја препознава важноста на науката, истражувањето и технолошкиот напредок како двигатели на економскиот и социјалниот раст. Во неа се наведени областите кон кои треба ги насочиме вложувањата и каде треба да го стимулираме трудот. Документот вели дека треба да ги поддржиме научните и истражувачките капацитети кои ќе ја поттикнат зелената и дигиталната трансформација и ќе го зголемат учеството на земјата во глобалните иновациски процеси, особено преку развој на нови технологии. Во таа насока, најпрво ќе се обидеме да ги стимулираме младите да одбираат да се занимаваат со наука, односно да создадеме човечки капитал како основен ресурс за наука. Ќе поддржиме креирање на нови студиски програми и интернационализација на високото образование. Ќе го поддржиме развојот на лабораториските ресурси, затоа што неопходна е и опрема и техничко-технолошки услови за да има наука. Ќе финансираме спроведување на научно истражувачки проекти од интерес на државата и јавноста. Поголема вклученост во програмите на ЕУ за наука, како Хоризонт Европа. И секако, да повторам дека за ова е потребен поголем буџет, а тој буџет ќе продолжи да расте, за да стигнеме до 1 отсто од БДП за наука, затоа што сега се одвојуваат околу 0,3 отсто за овој важен сегмент.

Кое се најголемите инвестиции на МОН за 2025 година?

– Ако ме прашувате за инфраструктурни инвестиции, нив ќе ги има многу. За жал, имаме училишта со импровизирани надворешни тоалети, училишта без спортски сали, енергетски неефикасни објекти и така натаму. Сликата мора да ја смениме, па така освен што Владата обезбедува средства за општините преку заемот од Унгарија, и ние како министерство си продолжуваме со изградби на нови и реконструкции на постојни училишта. Во текот на мандатот ќе изградиме 30 спортски сали, а дел ќе започнат да се градат годинава. Ја продолжуваме етапната реконструкција на државните студентски домови, два веќе се реновираат интензивно. Доградбата на ФИНКИ и ФФК ќе продолжи. Ќе започнеме процес на обновување на основните училишта со ресурсни центри, како и на дел од ученичките домови. Предвидовме и пари за подобрување на инфраструктурата во високото образование. Секако, сето ова нема да заврши во една година, бидејќи се работи за крупни зафати, но важно е да започнеме со тоа што сме го испланирале во 2025. Министерството ќе вложи и во обезбедување на поквалитетни учебници во основното и средното образование. Само за набавка на учебниците по странски јазици ќе бидат потребни околу 500 милиони денари. А ќе растат и платите во образованието. Сега од јануари за 14 осто во високото образование, а во март за 7,5 отсто во основното и средното. Предвидуваме повеќе пари за ученички и студентски стандард, а тоа значи и повеќе и поголеми права за младите. Промените кои ги бараа граѓаните, почнуваат да се случуваат.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk