Home » Мок: Ако избие војна кај вас, можеби ќе ве признаеме

Мок: Ако избие војна кај вас, можеби ќе ве признаеме

by Журнал.мк

Обидот на Мок да посредува во грчко-македонскиот спор можеше да се разбере само како средство да се доближи до една членка на Сојузот – Грција. Само така можеа да се толкуваат неговите обиди да смисли име со кое ќе бидеме признаени од земјите-членки на ЕУ и кое нема да го содржи зборот „Македонија“. Името што тој го предложи беше „Централно-балканска република“. Со таква цел Мок, со специјален авион испрати и свој претставник, амбасадорот Рохан, на разговори во Скопје.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

За Алојз Мок не би пишувал да не стана, сосема непотребно, предмет на контроверзии на почетокот од нашата независност. Австрија не беше значаен фактор во меѓународната политика и по самото тоа што не беше членка на ЕЗ.

Меѓутоа, фактот дека некој од Западот пројави интерес за нас беше доволен за да го инволвираме во нашите внатрешни расправии.

Со Мок имав две средби. Едната во Хелсинки, на Конференцијата за европска безбедност и соработка и втората во Њујорк, во нивната мисија при ОН. Роден во 1934 година, Мок студирал право во Виена, а потоа специјализирал меѓународно право во Болоња и во Брисел. Член на Народната партија на Австрија, тој станува вицеканцелар, 1987-1989. Како министер за надворешни работи, 1987-1995, тој ја внесува Австрија во ЕЗ и станува најпопуларниот политичар во земјата.

Инаку, во јуни 1989 година, во областа Оденбург, заедно со унгарскиот министер за надворешни работи, Ѓула Хорн, ја сече граничната жица, ставајќи ѝ симболичен крај на „железната завеса“.

Следните месеци, тој премин го искористија илјадници источни Германци, кои емигрираа во Австрија и во Германија. Останува забележано дека, и покрај фактот што Арбитражната комисија именувана од Советот на министрите на Европската заедница препорача само Словенија и Македонија да бидат признаени како независни држави, заедно со Ханс Дитрих Геншер од Германија, одлучуваат да ја признаат независноста на Словенија и Хрватска.

Оваа одлука само ги разгоре војните во Југославија. Шармот и подготвеноста да разговара со наши политичари, во време кога другите главно нѐ избегнуваа, направи од Алојз Мок „херој“ во Македонија.

Политички неуките луѓе не разбираа дека тој користи сѐ што му стои на располагање за да ги промовира интересите на својата Австрија. Домашните манипулатори, пак, кои не ги интересираше вистината, останаа доследни на својата персонална политика и манипулираа во лична корист.

„ЦЕНТРАЛНО- БАЛКАНСКА РЕПУБЛИКА“

На средбата со Мок во Хелсинки ја изложив македонската позиција и, се разбира, побарав признавање од Австрија. Ме сослуша, рече дека ќе ме побара, но тоа не се случи.

Се сретнавме повторно истата 1992 година во Њујорк, во австриската мисија при ОН. Ја објаснив нашата мирољубива политика и придонесот што го даваме кон загрозениот мир на Балканот и повторно побарав Австрија да ја признае независноста на Македонија.

Полуспружен во фотелјата, видно изморен и веројатно со првите симптоми на Паркинсова болест, ми се обрати со едно запрепастувачко размислување. Ми рече дека ние не сме на листата на приоритети на австриската надворешна политика, но доколку во Македонија би избила војна, би се потрудил тоа да се смени! „Не знам што му беше“, ми вели, неколку години подоцна, нивниот амбасадор во ОН, Сухарипа, тогаш присутен на разговорот.

На почетокот од деведесеттите години на минатиот век, на врвот на приоритетите на австриската политика беше членството во ЕЗ. Оттаму, обидот на Мок да посредува во грчко-македонскиот спор можеше да се разбере само како средство да се доближи до една членка на Сојузот – Грција.

Само така можеа да се толкуваат неговите обиди да смисли име со кое ќе бидеме признаени од земјите-членки на ЕУ и кое нема да го содржи зборот „Македонија“. Името што тој го предложи беше „Централно-балканска република“. Со таква цел, Мок, со специјален авион, испрати и свој претставник, амбасадорот Рохан, на разговори во Скопје.

Во директни разговори со Австријците го разбрав тоа што беше важно за државата Македонија, имено, дека, иако мислеле поинаку, сега се уверени дека единаесеттемина нема да одат против Грција и дека Австрија нема да ја признае Македонија, затоа што е кандидат за членство во Заедницата. Сѐ друго беше неважно и не заслужуваше да се троши залудна енергија на патувања и сликања.

Иако, неретко, пекав да бидам примен на разговори, мене воопшто не ме импресионираше фактот дека ете некој сака да разговара со нас. Единствено важно ми беше да ме слушнат и јас да слушнам што тој некој има да каже, за да можам да проценам дали и колку неговите ставови се совпаѓаат со интересите на државата Македонија.

Во тој поглед, Мок, ама со ништо не ме импресионира. За жал, домашните политичари бргу ја научија лекцијата дека меѓународната фотосесија и разговорите со странски политичари се корисни за нивните домашни кариери и трката почна. Секој тркач во својата линија.

„АФЕРАТА МОК“

Но, во еден момент, се судрија тие неколку линии во надворешната политика и изби „аферата Мок“. Точката беше ставена на дневен ред на нашиот парламент и јас бев повикан да се изјаснам. Отидов крајно неволно.

Пред седницата наминав кај претседателот Глигоров и го прашав дали тој има копија од писмото на Мок. Вообичаено ладнокрвниот претседател силно се вознемири за првпат откако се запознавме: „Не знам, не знам, не сум видел никакво писмо…“. Немав избор. Бев прозван од парламентот и морав да си го кажам своето мислење. Тоа и го сторив.

На удар беше Васил Тупурковски, кој, по средба со Мок, излезе во јавноста со детали од разговорот. Го употреби зборот „ригидна“ за нашата надворешна политика, претпоставувам по прашањето за името, а потоа зборуваше и за некакви големи пари, кои, повторно претпоставувам, би ги добиле доколку македонската политика стане „пофлексибилна“.

Тупурковски, се разбира, не требаше да оди во јавноста со детали од разговорот, туку требаше да се вклопи во рамките на единствената надворешна политика за која бев надлежен јас како министер за надворешни работи.

Но, мислам дека имаше тешкотии да се „димензионира“ себеси во новата политика по распадот на федерацијата, со што загуби голема лична моќ, на сметка на новата структура на моќ што се создаде во републиката.

Сепак, во заднината на оваа афера, која ги разбранува политичките духови во Македонија, беше ривалитетот на Тупурковски со Стојан Андов, кој, сосема неочекувано, ја стави точката на дневен ред на парламентот со зборовите: „…Да му помогнеме на Киро…“.

Немав намера да бидам дел од тој и од никој друг ривалитет во македонската политика, во која влегов со намера да бидам употребен „еднократно“, до влезот на државата во ОН и потоа да се вратам на професурата.

Во говорот пред пратениците се обидов да го сочувам сечие достоинство и да ја кажам вистината. Предложив и комисијата за надворешни прашања да се позанимава со темата. Ништо од тоа што го предложив за да се утврди вистината не се прифати зашто вистината никого не го интересираше.

Ги интересираше само манипулацијата за политичка ќар, за тоа кој, што и кога наводно рекол и наводно сторил во „аферата Мок“. Афера што, верувале или не, се користеше во политичките пресметки и ја загадуваше политичката атмосфера во Македонија со години по ред!

(Продолжува)

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk