13.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

МНР: Лага е дека Димитров разговарал за „Рекет“ со амбасадорот на Латвија

Најчитани вести

Шефот на дипломатијата Никола Димитров имал многу кус, сосем неформален разговор, за време на дипломатски коктел со Сарканис, поранешниот нерезидентен амбасадор на Латвија, кога тој во земјата доаѓа пред се во друго дипломатско својство, на тема која нема допирна точка со аферата „Рекет“. На тоа, како што велат од МНР, укажува и датумот кога се сретнале – 18 октомври 2018 година, како и неформалниот карактер на разговорот: на стоење, без закажување, со четириесетина луѓе наоколу.

Од МНР реагираат на денешните сведочења во судот на рочиштето за „Рекет“, во кои беше спомнат и министерот Димитров, квалификувајќи ги како „груба лага“.

„Амбасадорот, за време на тој неформален разговор, точно е дека го спомнал почесниот конзул на Латвија, бизнисменот Зоран Митровски, ама само за да се пожали дека тој во медиумите бил спомнуван како осомничен во отворена истрага. Темата „Рекет” никогаш не е спомната. Министерот Димитров, сметајќи дека евентуални коментари во таа насока би биле злоупотреба на дипломатскиот и конзуларен статус, само го информирал амбасадорот дека во нашата држава медиумите се слободни и дека владата не може да влијае во работата на медиумите, ниту за почесни конзули, ниту за министри и така завршува разговорот, се наведува во реакцијата на МНР.

Потоа се наведува дека подоцна, според протокол, кабинетот на МНР бара средба со почесниот конзул за да се добијат дополнителни информации, но токму конзулот, како што се посочува, немаше интерес за официјална средба и никогаш не дојде на состанок.

„Повикуваме веднаш да се престане со ширење вакви лаги кои се во функција да му наштетат на угледот и интегритетот на министерот Димитров, преку негово поврзување со афера со која тој нема никаков допир, што се разбира може да е и нивна цел, а кои влијаат негативно и на државните интереси и истовремено го подриваат и самиот судски процес“, стои во реакцијата од МНР.

Почесниот конзул на Латвија, бизнисменот Митровски, при своето сведочење на судското рочиште за случајот „Рекет“, истакна дека никогаш не платил рекет, како и дека случајот го пријавил кај нерезидентниот амбасадор на Латвија .

„Тој имал состанок со министерот за надворешни работи, по што добив порака дека нема да има веќе проблем со Јанева“, додаде сведокот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com