Едоардо Бове претрпе срцев удар на 1-ви декември за време на натпреварот меѓу Фиорентина и Интер, а 22 дена подоцна повторно се најде на „местото на злосторството“.
Младиот играч за врска беше спасен благодарение на брзата реакција на фудбалерите и лекарите, па откако го надмина почетниот критичен период, пред извесно време беше ослободен од болница.
Пред да го направи тоа, Бове се согласи да му биде имплантиран дефибрилатор за следење на срцевиот ритам, помагало кое прави фудбалерот да биде далеку помирен во овој стресен период за него.
Бове изминативе денови беше составен дел од собирите на своите соиграчи, а денеска за првпат се појави и на „Артемио Франки“.
Едоардо доби место на клупата за резерви во близина на тренерот Паладино, па на моменти делеше и совети како прв помошник на тренерот.
Најемотивен беше моментот кога Бове беше покажан како седи на клупата преку видео-бимот на стадионот, по што жестоките скандирања од навивачите направија да видиме и солзи на лицето на 22-годишниот фудбалер.