Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во вторникот ги намали прогнозите за економски раст за САД и Кина, предупредувајќи дека новите американски царини и одговорот од трговските партнери го означуваат влегувањето на светот во „нова ера“.
Глобалната економија годинава ќе порасне за 2,8 отсто, пресметале во ММФ, намалувајќи ја јануарската проценка за половина процентен поен.
Во 2026 година се очекува растот да забрза само малку, до 3,0 отсто, покажуваат новите пресметки. Во јануари ММФ очекуваше раст на активноста од 3,3 отсто.
„Референтните“ прогнози ги вклучуваат американските најави за царините во периодот меѓу 1 февруари и 4 април и одговорот од другите земји, соопшти ММФ.
„Глобалниот економски систем фундаментално се менува и ние влегуваме во нова ера“, напиша на блогот главниот економист на меѓународниот кредитор Пјер-Оливие Гуреншас.
„Од крајот на јануари, бранот американски најави за царини, коишто во почетната фаза ги опфатија Канада, Кина, Мексико и клучните сектори, кулминираше на 2 април со речиси универзални царини. Ефективните американски царини ги надминаа нивоата на Големата депресија, а одговорот од главните трговски партнери значително ја зголеми глобалната царинска стапка“, пишува Гуреншас.
Поголеми шанси за рецесија
Ненадејната ескалација на трговските тензии и „исклучително високото ниво“ на неизвесност значително ќе се одразат на економската активност во светот.
„Влијанието е доста значајно и ги опфаќа сите региони во светот. Бележиме послаб раст во САД, еврозоната, Кина и другите делови од светот“, наведува Гуреншас.
Американската економија треба да порасне за 1,8 отсто оваа година, пресметал ММФ, намалувајќи ја јануарската проценка за 0,9 процентни поени.
Во 2026 година најголемата светска економија би требало да порасне за 1,7 отсто, што е за 0,4 процентни поени послабо отколку што очекуваа на почетокот на годината, поради политичката неизвесност и трговските тензии.
ММФ не предвидува рецесија во САД, додава Гуреншас, но шансите за пад на економската активност се зголемија од околу 25 на 37 отсто.
Индија над „шестката“
Кинеската економија треба да порасне за четири отсто оваа и следната година, проценува ММФ. Во јануари тие предвидоа дека ќе порасне за 4,6 проценти во 2025 година и за 4,5 проценти во 2026 година.
Незначително намалени се и прогнозите за еврозоната, за 0,2 процентни поени, така што активноста во областа на примената на заедничката европска валута треба да се зголеми за 0,8 отсто оваа година и за 1,2 отсто во 2026 година.
„И во еврозоната и во Кина, растот оваа и следната година ќе биде поддржан до одреден степен со посилни фискални стимулации“, забележува Гуреншас.
Трговските тензии и царините значително ќе го забават јапонскиот БДП, пресметал ММФ, намалувајќи ја својата прогноза за оваа година за половина процентен поен, на 0,6 отсто. Истата стапка на раст се очекува и во 2026 година.
Незначително се намалени и прогнозите за економски раст на Индија, на 6,2 отсто оваа година и 6,3 отсто во 2026 година.
Според нив, руската економија треба да порасне за 1,5 отсто во 2025 година. Во 2026 година се очекува растот да забави до 0,9 отсто.