17.8 C
Skopje
Monday, June 14, 2021

Mitsubishi го снабди и Space Star со „динамичен штит“

Најчитани вести

Mitsubishi гo претстави освеженото моделско годиште на Space Star и на неговата лимузинска изведба Attrage. Главните промени се во изгледот на предниот дел, сега со препознатливиот „динамичен штит“ на Mitsubishi. Станува збор за светски модели, кои лани достигнаа продажба од 140.000 примероци.

Новата работна недела започнува со Mitsubishi, со „стара вест“. Во Токио веќе одамна е завршено вообичаеното работно време, временската разлика сепак изнесува осум часови. Веста, всушност, пристига од долгогодишната фабрика на марката во Тајланд, кадешто марката ги произведува своите модели од градската класа, таму под името Mirage, а кај нас Space Star, заедно со лимузинската изведба Attrage, којашто не се испорачува за европскиот пазар.

Mitsubishi Space Star и Attrage ќе го имаат своето прво појавување пред публиката на салонот во Тајланд, со почеток на 28-ми ноември. Моделското освежување најмногу се однесува на промените во изгледот на предниот дел, кој ја презема дизајнерската шема на таканаречениот „динамичен штит“, препознатлив по лаковите со метален финиш под светлата. Неколку промени има и во внатрешноста.

Лани, Mitsubishi во фабриката во Лаем Чабанг произведе околу 140.000 примероци од двата модели што се достапни на бројни пазари ширум светот
Со преоѓањето на актуелниот стил на Mitsubishi, Space Star и Attrage (познат и како Mirage G4 на одредени пазари) добија и нови светла со повеќе динамична форма, како и дводелна маска што внесува спортска нота. Со неколку вешти дизајнерски потези во браникот е постигнато задниот дел да изгледа пошироко и возилото визуелно да се „прилепи“ за патот. Истиот ефект го има и L-шемата на осветлување во задните светла, кои сега користат и диодна техника.

Новитет во понудата од бои е „бел дијамант“ со стаклен ефект, како и впечатливата жолта боја. Алу-бандажите од 15 инчи имаат нов дизајн, различен кај двата модели. Во внатрешноста се сменети облогите на вратите, заради подобра потпора на лактот, а горните површини во кокпитот се обложени со мек материјал.

Повеќе спортска нота во внатрешноста на Space Star и повеќе елеганција за Mirage G4 (Attrage)

Инструментите добија спортски изглед, а слична идеја се препознава и во подлогата за пркинувачите за прозорците, со изглед на карбон. Во повисоките нивоа на опрема следат посебни седишта, исто така со спортска нота и обложени во комбинација од платно и вештачка кожа. Секако дека денес со секое моделско освежување пристигаат и нови и поголеми средишни дисплеи. Kaj Space Star и Attrage тоа значи пречник од 7 инчи и поддршка за Apple CarPlay.

Space Star користи 1,0 и 1,2-литарски мотори, соодветно со моќност од 71 и 80 КС, достапен во преку 90 земји, вклучувајќи ги Европа и САД. Attrage е достапен на 60 пазари, меѓу поголемите пазари се вбројуваат и САД. Од почетокот на продукцијата, Mitsubishi досега испорача околу 650.000 примероци од Space Star и 280.000 примероци од лимузинската изведба.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести