Одлуката за второто дете, за кое Грејс сонува, ќе ја донесат пред се лекарите.
За многу жени ширум светот кои се плашат дека никогаш нема да станат мајки поради проблеми со матката, вестите што доаѓаат од Велика Британија носат одредена надеж.
Имено, во таа земја е родено здраво девојче, благодарение на трансплантацијата на матка. Како што изјави за Би-Би-Си новата мајка и донатор на матката, нејзината сестра, раѓањето на малата Ејми изгледало „неверојатно“ и „надреално“.
Грејс Дејвидсон е родена без функционална матка и со години мислела дека никогаш нема да може да роди дете и да стане мајка. Но, во 2023 година, нејзината сестра Ејми ја донирала својата матка. Во моментов тоа е единствената успешна трансплантација на матка во Велика Британија.
Две години по таа пионерска операција, Грејс ја роди малата Ејми. Сега нејзината желба е да има уште едно дете.
Заеднички напор на повеќе од 30 лекари
Ништо од ова немаше да се случи доколку не беше извршена трансплантацијата, во која учествуваа повеќе од 30 лекари и траела дури 17 часа.
Хирургот Изабел Квирога, која го предводеше тимот за трансплантација, изјави за Би-Би-Си дека процедурата носи ризици за двете сестри. Но, дека операцијата била успешна, тоа веќе било видливо две недели подоцна, кога Грејс ја добила првата менструација.
За второто дете, за кое Грејс сонува, пред се ќе одлучат лекарите. Имено, бебето Ејми е родено со царски рез, а дури и за здравите жени тоа имплицира подолго закрепнување пред евентуална следна бременост.
Доколку лекарите се согласат на нова бременост, донираната матка ќе биде отстранета по раѓањето на второто дете. Имено, Грејс моментално секојдневно зема имуносупресиви за да се погрижи нејзиното тело да не ја отфрли матката на нејзината сестра. Бидејќи долготрајната употреба на овие лекови може да го зголеми ризикот од развој на некои видови рак, лекарите не сакаат таа да ги зема подолго отколку што е потребно.
Хируршкиот тим кој ја трансплантирал матката на Грејс сега се подготвува за нови потфати. Тие имаат дозвола да извршат 15 трансплантации на матка како дел од клиничкото испитување. Пет жени би ја добиле својата матка од жив донор, а 10 од починат донор. Засега е познато дека три жени веќе добиле матки од починати дарители, но нема дополнителни информации за нив.
Да потсетиме, првото бебе родено по трансплантација на матка е во Шведска во 2014 година. Во последните 10 години ширум светот се направени околу 135 такви трансплантации, а се родиле околу 65 бебиња.
Извор: BBC