Институтот за биометриски истражувања Скопје е осми по ред институт што ги затвора вратите со одлука на Министерството за образование и наука. Министерката Весна Јаневска за Алсат изјави дека нема да толерира никакви неправилности во образованието, било основно, средно или високо. Набројувајќи ги недостатоците и неправилностите на веќе затворените институти, министерката Јаневска најави дека наскоро се очекува затворање на уште пет институти.
Министерката Јаневска најави дека нема да има толеранција за факултетите кои издаваат дипломи исклучиво за лична корист. Таа порача и дека треба да има промени во студиските програми кои се многубројни, од кои некои се дури и застарени. Според Јаневска, сите овие измени ќе продолжат и по донесувањето на новиот Закон за високо образование.
Законот за високо образование е во завршна фаза и се очекува да биде одобрен годинава. Со него се предвидени построги критериуми за функционирање на институтите, но и на универзитетите.