Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана и во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), учествува на дводневниот тематски дијалог „Од замисла до реалност: Спроведување инвестициски проекти“ кој од денеска се одржува во Белград.
На дијалогот, се презентираат практики и методологии од различни земји со цел нивна примена и унапредување на идни инфраструктурни проекти, се разгледуваат заедничките предизвици при планирањето и спроведувањето проекти. Целта на дијалогот е и поттикнување на соработката меѓу земјите и меѓународните финансиски институции со цел искористување на ресурсите и разгледување на различните видови механизми за финансирање инфраструктурни проекти.
Во рамки на посетата на Белград, министерот Перински одржа и билатерални средби со министерката за јавна администрација и локална самоуправа, Јелена Жариќ Ковачевиќ и со градоначалникот на Град Белград, Александар Шапиќ.
И двете средби, министерот Перински ги искористи за размена на искуства за начинот на организација на локалната самоуправа во Република Србија, за законската регулатива која ја применува северниот сосед за функционирање на единиците на локалната самоуправа, како и за начинот на нивно финансирање, процесот на децентрализација и фискалната децентрализација.