Home » Министерот Муцунски се обрати на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН: „Остануваме посветени на заштитата на човековите права, без разлика каде се случуваат”

Министерот Муцунски се обрати на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН: „Остануваме посветени на заштитата на човековите права, без разлика каде се случуваат”

by Журнал.мк

Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека Советот за човекови права е најзначајниот форум за справување со предизвиците кои го попречуваат остварувањето и заштитата на основните човекови права и слободи ширум светот. Тој нагласи дека почитувањето на демократските принципи, човековите права, човечкото достоинство и владеењето на правото се универзални вредности што мора да бидат почитувани од сите. Истовремено, ја потврди посветеноста на државата кон постигнување на највисоките стандарди за заштита на човековите права и нивна доследна имплементација на национално ниво.

„Промоцијата и заштитата на човековите права, како и посветеноста кон јакнење на мултилатералната соработка за нивно почитување и заштита, се темел на надворешната политика на нашата држава.

Остануваме посветени на заштитата на човековите права и слободи, со посебен фокус на правата на жените и децата, заштитата на лицата со попреченост, како и борбата против сите облици на дискриминација и спречување на нивните нарушувања,“ истакна министерот Муцунски.

Тој додаде дека Република Северна Македонија, како членка на Советот за човекови права во периодот 2025-2027 година, ќе остане цврсто посветена на заштитата на човековите права и на соодветното справување со нивните нарушувања, без разлика каде тие се случуваат.

„Како член на Советот, остануваме посветени на заштитата на човековите права и соодветното справување со нивните нарушувања, без разлика каде се случуваат,“ нагласи министерот Муцунски.

Тој истакна дека Советот за човекови права останува клучна платформа за дискусија и справување со предизвиците што го доведуваат во прашање уживањето на човековите права и слободи на глобално ниво. „Ова е можност што не смееме да ја пропуштиме, доколку сакаме поефикасно и одговорно дејствување за Агендата за човекови права,“ заклучи тој.

На Високиот сегмент на 58-та сесија на Советот за човекови права, кој ќе трае од 24 февруари до 4 април, учествуваат шефови на влади и држави, како и министри за надворешни работи. Главната цел на сесијата е реафирмирање на важноста на работата на Советот и неговите механизми за целосно справување со предизвиците што влијаат врз уживањето на човековите права и слободи.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk