Home » Минчев: Реформата на јавната администрација клучна во пристапното партнерство со Европската Унија

Минчев: Реформата на јавната администрација клучна во пристапното партнерство со Европската Унија

by Журнал.мк

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја истакна важноста на реформите во јавната администрација на состанокот на специјалната група за реформа на јавната администрација посветен на европските интеграции и административните реформи.

Тој упати благодарност до Европската Унија, СИГМА, РеСПА, и останатите партнери за нивната континуирана поддршка и посветеност, нагласувајќи ја клучната улога на јавната администрација како столб на модерното општество и важен фактор за подготовката на Република Македонија за членство во Европската Унија.

„Реформата на јавната администрација е еден од главните приоритети во пристапното партнерство со Европската Унија, дел од првиот кластер – Основи, во согласност со новата Методологија за пристапни преговори. Но, овие реформи не се само обврска кон ЕУ, туку и обврска кон нашите граѓани. Наша цел е да изградиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација што нуди брзи и квалитетни услуги за сите,“ – истакна Минчев.

Минчев информираше за клучните активности на Министерството за јавна администрација, кои се насочени кон реализација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, Планот за раст и Патоказот за реформи.

Во тек е изработка на нова законска рамка која ги опфаќа законите за вработените во јавниот сектор, административните службеници, и стручното усовршување, со цел воспоставување институционални механизми за континуирана едукација и професионализација на службениците.

„Извештаите на Европската комисија и оценските мисии на СИГМА ги гледаме како компас за насочување на реформите. Тие ни покажуваат не само каде треба да бидеме подобри, туку и колку е значајна соработката со ЕУ и сите останати партнери,“ – додаде министерот, повикувајќи на заеднички напори за исполнување на приоритетите.

Минчев ја истакна потребата од зајакнување на меѓуинституционалната соработка и партнерствата со граѓанскиот сектор, како и меѓународните организации.

„Нашата посветеност на реформите е недвосмислена, но успехот е возможен само преку заеднички труд. Уверен сум дека со стратешка соработка ќе постигнеме значајни резултати кои ќе ја потврдат нашата подготвеност за полноправно членство во европското семејство,“ – заклучи тој.

Министерството за јавна администрација останува посветено на исполнувањето на своите реформски цели во партнерство со Европската Унија и меѓународните организации.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk