Потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски е во Вашингтон на Молитвениот појадок со бројни конгресмени, сенатори, светски државници, креирачи на политиката и експерти.
За Гласот на Америка се осврнува за односите меѓу Македонија и стратешкиот партнер САД, но и за очекувањата владата во Скопје од новата администрација од претседателот Трамп.
Милошоски, присуствувате на Молитвениот појадок во Вашингтон. Се обративте на дебатата во американскиот Конгрес за важноста за трансатланската соработка за безбедност во Европа, која беше организирана од конгресмените Пит Сешнс и Боб Адерхолт. Каква порака добивте од законодавците во Вашингтон?
Од Вашингтон пораката е дека стратешкото партнерство ќе продолжи. Сметам дека имаат неколку критички точки. Во Европа, ќе бидат повеќе посветени на поддршката на Украина, а на глобално ниво очекувам да има поизразено соперништво со Кина. Тука Македонија треба да има јасна определба согласно со стратешкото партнерство и ценам дека може да дадеме придонес во идните односи со новата администрација.
Пред победата на Доналд Трамп, виши претставници од Владата и Собранието од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, инвестираа многу време во состаноци со луѓе од опкружувањето на Трамп. Што очекувате за возврат од новата администрација на претседателот Трамп?
Од новата администрација очекуваме овие, условно кажани, „персонализираните“ контакти да вродат со плод кои би биле повеќе проекти од заеднички интерес во енергетиката, економијата, во одбраната и безбедноста и во владеењето на правото. Очекувам добри односи со секретарот за трговија. Македонија може да си го најде своето место и да привлече странски инвестиции од САД.
Дали соработката со новата администрација во Вашингтон ќе има и политичка димензија во насока на блокираните ЕУ – интеграции за Македонија? Барате ли поголемо вклучување на Вашингтон од досегашните средби?
Тоа е веќе искомуницирано при претходните средби на премиерот Христијан Мицкоски. Очекуваме Вашингтон да покаже поголема волја и интерес за проширувањето на ЕУ. Може да очекуваме и дополнителен ангажман, но зависи и кој ќе биде иден помошник на државниот секретар за Европа.
Што, ако не помине иницијативата за Уставни измени со одложено дејство во Собранието, во овој состав, каде Вие, сте потпретседател?
Сметам дека оваа иницијатива е рационална, и за Македонија и за Бугарија и за ЕУ, но е реална ако вистинската желба од сите три актери е интеграцијата. Нашата цел се ЕУ интеграциите, сега останува да видиме која е целта на ЕУ, и на Бугарија. Менаџирањето на еден ваков компромис и преземената обврска, би било наивно да се направи без одредена извесност дека земјата ќе стаса до посакуваната цел, а тоа е ЕУ, за кои што Македонија веќе има направено многу компромиси во минатото.
Веќе 8 месеци, Македонија има нова влада и нов собраниски состав. Како се справува Македонија за клучните точки за кои ЕУ забележува – владеење на право, справување со корупцијата, брза имплементација на реформите, но и неказнивоста во системот?
Од она што можам да го добијам како информација во Вашингтон е дека првичните информации се дека Владата има добра програмата, која што ветува. Тоа се првични оценки на официјален Вашингтон. Сметам дека тоа треба да продолжи и во иднина, особено во борбата против корупцијата и владеење на правото. Нашата желба е во следниот извештај на Транспаренси Интернешенал, па и на Стејт департментот, Македонија да има забележителен напредок.
Дали потенцијалната блокада на ЕУ-процесот е закана за стабилноста на владејачкото мнозинство?
Владејачкото мнозинство е стабилно. Сме разговарале со нашите партнери и од коалицијата Вреди и од ЗНАМ и аргументирано објаснуваме дека блокадата од Бугарија и нејзиното надминување е во интерес на сите, но да се направи на начин, кој за сите граѓани ќе биде извесен и ќе донесе реален резултат за евроинтеграциите, наместо да донесе второ или трето разочарување со дополнителни блокади.