Home » Милошоски: Ќе провериме дали ЕУ навистина е искрена и сака да се зачлени Македонија

Милошоски: Ќе провериме дали ЕУ навистина е искрена и сака да се зачлени Македонија

by Журнал

Сигурно ќе победиме на изборите со разлика поголема од 20 пратеници, а заедничкиот именител на симпатизери на која било партија е дека ДУИ треба да оди во опозиција и нашата политичка цел е да формираме влада без ДУИ. Најпосакуван партнер за коалиција ни се опозициските партии на македонските Албанци. Јас не би гласал за влада во која би учествувала и ДУИ, вели Милошоски.

Со пратеникот и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, разговаравме за тоа како неговата партија, ако дојде на власт – а тој е повеќе од убеден дека така ќе биде – ќе се справи со клучните проблеми на државата, какви што се евроинтеграциите, преговарачката рамка, уставните измени, односите со Бугарија, коалицискиот капацитет на партијата…

Едно од прашањата за кои ветувате решение доколку дојдете на власт е промена на преговарачката рамка со ЕУ. Од каде тој оптимизам или сигурност дека ќе имате успех, како што ги убедувате граѓаните?
– Прво, се поставува како неопходност да се преземе тој потег. Новата македонска влада ќе биде должна да вложи максимални напори и на домашен и на меѓународен план да се избори за подобри позиции кои, прво, на државата ќе ѝ дадат извесност дека патот кон полноправно членство во ЕУ е сигурен и, второ, на домашен план, на народот ќе му дадат сигурност дека нема нестандардни прашања поврзани со историјата, идентитетот и слично да бидат монета за компензација или за поткусурување за одредени блокади. Затоа, должни сме да го направиме тоа. Второ, ако веќе одиме според некој пример, во почетоците на државноста на Македонија како независна држава, токму од ЕУ го имавме случајот со Лисабонската декларација кога Унијата го услови признавањето на државноста со исфрлањето на зборот Македонија од нашето име. Но, и тогашното раководство на Македонија беше обединето околу позицијата дека барањето е непринципиелно, дипломатски имаа силни активности, па потоа ЕУ стана попрагматична и ја прифати реалноста.

Велите неопходност и должност кон граѓаните, зборувате за Лисабонската декларација, но сега условите се сто отсто сменети. Неопходноста е едно, ама каков ќе биде одговорот од другата страна?
– И самиот обид на Македонија да ја подобри преговарачката рамка оди во насока на поизвесен пат до полноправно членство. И затоа ваквите залагања на ВМРО-ДПМНЕ или на идната влада по изборите ќе бидат и сериозен тест не само за Македонија, туку и за ЕУ во целина, и за Бугарија како сосед, дали полноправното членство навистина е и нивна заедничка цел што ја споделуваме ние. Тоа би го именувал како еден дипломатски напор што треба да се движи во рамките на еден интегративен патриотизам. Земјата да се движи напред кон интеграција, но истовремено да ги зачува постулатите на достоинство и на паритетна основа со секоја земја членка на ЕУ, вклучително и со Бугарија.

Вака како што зборувате излегува дека решението на проблемот е кај нас и дека ЕУ би се согласила со тоа.
– Јас мислам дека во голем дел проблемот е во некои земји членки на ЕУ и тука Бугарија би ја ставил во секундарна позиција. Поголемиот проблем е што неколку повлијателни земји членки на ЕУ, не во однос на Македонија туку на целиот Западен Балкан, имаат дилема дали проширувањето е нивен приоритет. И дали полноправното членство сè уште ќе остане сериозна опција. Сметам дека тоа е аргумент плус зошто Македонија треба да се обиде да ги подобри овие непринципиелни услови за да тестираме дали навистина полноправното членство и побрзото зачленување на Македонија и на регионот навистина е приоритет за сите земји членки на ЕУ. Во спротивно би направиле концесија без да ја достигнеме конечната цел, односно да се соочиме со нови блокади и со повторно разочарување.

Ама Македонија нема време за тестирање. Сега ќе дојдат европските избори, десницата е во страшен подем, а нивниот став за проширување знаеме дека е негативен и ако ние ги тестираме, па после да дејствуваме што добиваме со тоа?
– Јас ќе одговорам со прашање: Дали нас во 2018 и во 2019 година нè блокираше некоја радикална десница во ЕУ? Не, нас нè блокираше Франција каде и тогаш и денес претседател е човек што припаѓа на европските либерали. И, за жал, тој потег и тогаш и денес го ценам како недостиг на визија за Европа за целиот европски континент. И затоа сметам дека ние сме должни да не дејствуваме по логиката на свршен чин. Затоа што таа логика ја видовме со референдумот за промена на името. Многу лидери на членки на ЕУ ја посетија Македонија и дадоа вербални ветувања дека смената на името ќе ги отвори вратите на ЕУ, но по референдумот и смената на името, лидерите се сменија и се сменија ветувањата на ЕУ, односно Македонија направи преголема отстапка, а за возврат не го доби ветеното. Со такво искуство ние имаме должност како политичари да бидеме внимателни.

Имате ли некаков механизам или „кец во ракавот“ како да ги убедите сите членки, вклучително и Бугарија дека држат вашите аргументи кога сите изјави од високи функционери на ЕУ се дека невозможно е да се смени преговарачката рамка?
– Изјавите на високите претставници на ЕУ се логични. Работна должност на секого од нив е да се залага за почитување на ставот зад кој стои Европската комисија и тоа не е нешто невообичаено. Но, мислам дека Македонија, заедно со соседите Албанија, Србија и Црна Гора, а во следен момент и Косово и БиХ, треба да поразговара со претставниците во Брисел по европските избори за тоа кој е нивниот план. Официјално Скопје треба да биде искрено што може, а што не може да постигне кон Брисел, но треба и Брисел, а тука и поголемите престолнини треба да бидат искрени кон нас што можат и колку можат за полноправното членство на Македонија.

Мислите дека не се искрени кога велат дека не може да се смени преговарачката рамка?
– Мислам дека е официјален став во овој момент, но не го гледам како библиски став. На крајот доколку ЕУ навистина сака после сè што се случи во Украина да го забрза процесот на проширување и доколку тоа забрзување добие одреден рок, на пример 2030-та или 2035-та како можна година за проширување, тогаш самата структура на преговарачката рамка може да претрпи една, но многу битна измена, а тоа е блокадата или проблемот што е наметнат во оваа преговарачка рамка наместо на почетокот да се премести на крајот на преговорите и со сите завршени други критериуми Македонија да може со доверба и самодоверба достоинствено да го менаџира наметнатиот спор што го постави Бугарија заедно со Франција.

Велите официјален, а не библиски став, но Ве прашав дали сметате дека не е искрен?

– Имам дилема, зашто дел од овие официјални претставници на Европската комисија се истите оние што во 2018-2019 година ни ветуваа членство во ЕУ со сменето име. Дали биле искрени кога го говореле тоа пред седум години, покажува денешната состојба.

Зошто мислите дека Бугарија би се согласила на ваква измена кога факт е дека оваа преговарачка рамка е многу понеповолна за нив во споредба со нивните националистички барања, како тие во нон-пејперот на нивниот амбасадор во Брисел?
– Прво Бугарија, според мене, треба да гледа малку пошироко на состојбите во регионот и како земја членка на ЕУ треба да биде поддржувач на сите земји, слично како што Германија се залагаше за Полска, Чешка и за балтичките републики, но и за Хрватска. Треба малку да ја имаат предвид пошироката слика. Второ, ако досегашните состојби не биле доволни за Бугарија да ја согледа оваа слика, агресијата на Русија врз Украина, што ја засега и Бугарија, би требало да биде уште еден аргумент плус Софија да им се придружи на земјите членки во ЕУ кои сметаат дека проширувањето може да ја зајакне Унијата од стратегиска гледна точка. Ако Бугарија процени, а според мене би требало, дека поскорото зачленување на Македонија и на другите земји во ЕУ е прашање од безбедносен и од економски интерес и за неа, тогаш тоа би било навистина добар аргумент за да се разговара со нив за заеднички пристап и за враќање на довербата, што сме ја имале пред неколку години, на задоволително ниво.

Ама ова е сè „би требало и треба“. Има ли некакви сигнали од Бугарија дека може нешто да смени?
– Засега не сме имале комуникација на тоа ниво зашто пред избори таква комуникација може да биде злоупотребена, спинувана. Како опозиција можеби ги немаме сите информации, бидејќи МНР, за жал, не ги споделуваше со Собранието протоколите што ги потпишаа со Бугарија, прво Никола Димитров, па потоа и Бујар Османи. Откако ќе се формира владата, Софија и Брисел треба да бидат двете места каде што би се испратиле луѓе од доверба со добра намера да поразговараат за сериозните намери на Македонија да се придвижи на патот на евроинтеграциите. На паритетна основа, а не да имаме „lose-lose“ ситуација во која расте тензијата помеѓу двете држави, туку да имаме „вин-вин“ ситуација во која и двете страни би биле добитници, нормално и ЕУ, со зацврстување на нејзиниот углед во регионот.

Ги немате сите информации, ама тоа не ве спречува да имате контакти со бугарски политички партии, особено со сестринската која е и во владата во Софија.
– Како поединци сме имале контакти, но не и официјални.

Ќе им гарантирате ли на граѓаните во предизборната кампања дека нема да го смените Уставот доколку дојдете на власт?
– Да, се разбира. Тоа е наш принцип и пред изборите и по изборите и тоа сме го кажале како скратена девиза дека не би го менувале Уставот под бугарски диктат и на тој принцип би останале.

Како би правеле коалиција со албанска партија, ако сите тие тврдат дека ќе коалицираат само со партија што е европски настроена, што вклучува и уставни измени?

– Едноставно е премостувањето, зашто сега може да разговараме за проформа проевропски пат што некои го симплифицираат со менување устав и со влегување во ЕУ, но тоа не е така, за жал. Подобро и суштински важно за интегративниот пат е ако работите на приближување на стандардите до европските и ако обезбедите структурно подобра методологија за преговорите за членство. После сите овие скандали со висока корупција поврзани со политичари, кои по трипати дневно се декларираат колку се поевропски од самите Европејци, е повеќе пат на политички пароли или злоупотреба на европско знаменце преведено на собраниски речник, а нашиот план е да имаме посуштинска европеизација на општеството и мислам дека добар дел од политичките партии на македонските Албанци не би имале против да работиме заеднички. И, на крајот, по многу национални концесии што ѝ беа наметнати на Македонија, а беа поминати како одлуки без за нив да гласа мнозинството на македонскиот народ, премногу е да се продолжи на истиот начин за која било концесија да биде надглaсуван македонскиот народ и за нашите национални прашања како народ да одлучува еден малцински дел од македонскиот народ и мнозинството на сите други заедници што не се Македонци. Затоа сметам дека таа практика треба да прекине.

Зошто мислите дека партиите на Албанците би го погазиле сопствениот збор и дека ќе коалицираат со партии што нема да ги спроведат уставните измени?
– Во сегашното собраниско мнозинство се гледа дека таквиот концепт не функционира. И мислам дека и во иднина, ако се инсистира на таков пристап, пак нема да функционира. Не може нешто да се наметне на сила, како обврска на македонскиот народ, што тој не го прифаќа тоа, а да говориме дека се залагаме за европски принципи. Билатералните прашања не треба да бидат дел од критериумите, барем не од почетните, и затоа мислам дека не треба да даваме согласност за вакви непринципиелни барања. Целта да ни биде ЕУ, но да имаме еден интегративен патриотизам каде што евроинтеграциите ќе ни бидат приоритет, но исто така да имаме и достоинство, напредок и суштински подобрувања на нашата заедничка татковина.

Може да дојдете во ситуација да не можете да направите коалиција со партија на Албанците бидејќи нема да се согласите за ова прашање.
– Ние, да бидам искрен, уште во овој пратенички состав гледаме дека има сигнали за коалицирање од речиси сите парламентарни партии на Албанците и мислам дека и тие и ние ќе бидеме прагматични во овој дел. Потоа, сметам дека овој пат разликата во изборните резултати нема да биде еден, два или три пратеници предност, туку овој пат разликата ќе биде поголема од 20 пратеници во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Во таква ситуација, врз основа на таквата доверба ние го бираме коалицискиот партнер, а не тој да не бира нас.

Кога велите 20 пратеници повеќе мислите само на ВМРО-ДПМНЕ?
– ВМРО-ДПМНЕ во споредба со СДСМ.

Дали се искристализира селекцијата на кандидати за претседател на државата и дали Силјановска и Спасеновски остануваат во најтесна конкуренција?
– Во моментов за четворица кандидати се прават дополнителни сондажи. Бројката е намалена и очекувам кон крајот на февруари да имаме „финалисти“. Во секој случај станува збор не само за процени, туку и за тактички пристап. Ќе ѝ дадеме можност на владејачката коалиција прва да го обзнани својот кандидат, без оглед дали ќе биде само СДСМ и заедно со други партнери, па следни сме ние на втори март.

Левица објави дека ќе номинира свој кандидат за шеф на државата. Колку ќе одвлече гласови од вмровското гласачко тело?

– Секоја партија што ќе излезе со свој кандидат има шанса целна група да ѝ бидат сите граѓани, без разлика дали се провладини или опозициски настроени или неопределени. Не би можел да прогнозирам, но на крајот кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на СДСМ ќе влезат во вториот круг. Ќе има многу партии со кандидати за претседател или за пратеници кои можат да апсорбираат гласови, но има само една коалиција и партија има потенцијал да ја смени актуелната влада или шефот на државата, а тоа е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе ви земе ли Левица гласови?
– Таа се декларира како опозициска партија и веројатно ќе се обиде кај добар дел од луѓето што се незадоволни од власта да се понуди како одредено решение. Но, употребната вредност на дадениот глас за помали опозициски партии ќе заврши во првиот круг на претседателските избори. А гласот за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ ќе добие можност за финале во вториот изборен круг.

Дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа за измените на Законот за рестриктивни мерки?
– Има несогласување од Министерството за правда, но на Владата не ѝ требаат дополнителни предлог-закони за да постапува посериозно кон одредени лица што се на црната листа. Никој не го спречува никого врз основа на Законот за кривична постапка и врз основа на Законот за меѓународна правна соработка да ги побара од САД, официјално, индициите што тие ги имаат, на пример, за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Веројатно поради одолговлекувањето и непостапувањето на државата следува ова предлог законско решение, со кое ќе се наметне обврска за постапување.

Значи, нема потреба од дополнителен закон?
– Според нас, ако има функционални институции, оние што се на црната листа може да бидат предмет на обработка на обвинителството. Бидејќи нема такви функционални институции во моментов, се налага како неопходност да се оди со дополнителни законски решенија што треба да ги видиме, па да ги коментираме.

Дали Антонио Милошоски, лично, се согласува да не се гласа за техничката влада, а да се учествувате во неа?
– Да, се согласувам, затоа што човек што има политички профил како Талат Џафери, не заслужува да добие глас „за“. Прво, неговото минато. Тој е далеку од Обама, тој е антипод на луѓе како Обама. Гласањето за него дава погрешна лекција дека можете со дезертирање, со употреба на сила, со воено насилство и со што било друго неприлично кон самата држава да добиете највисока државна позиција. Тоа не е добра поука за никого, ни сега ни во иднина. Второ, го видовме во Собрание. Не зборуваме за група пратеници од ДУИ или од СДСМ кои го злоупотребувале Деловникот, туку зборуваме за една организирана злоупотреба на Деловникот и на европското знаменце каде што главниот режисер беше Талат Џафери. И, трето, нема политичка логика, изборите губат смисла ако оној што не добил доволно гласови да биде премиер, вие го поставувате за премиер. Партија со 13 пратеници да добие премиерско место е спротивно на Законот за влада во кој се опишува и техничката.

Зошто тогаш не барате укинување на техничката влада?
– Побаравме пред една година, па пред неколку месеци, но и покрај тоа што во СДСМ, кај поединци, има разбирање дека техничката влада е непотребна институција во држава членка на НАТО и со аспирации за ЕУ, очигледно е дека договорот помеѓу СДСМ и ДУИ, кога СДСМ личи на потчинета партија, бил побитен од тоа што е важно за Македонија. Тој Закон за влада ќе го смениме веднаш по парламентарните избори.

Толку сте сигурни дека вие ќе формирате влада по изборите?
– Да. Сигурни сме.

Сто отсто?
– Дали сто отсто може да кажат само граѓаните, но според она што го слушаме на терен и во сондажите, извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ и актуелната опозиција ќе ја формира следната влада.

Колкава е таа сигурност според сондажите, 90 отсто?
– Нашите сондажи говорат дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има потенцијал за освојување помеѓу 52 и 58 пратеници во зависност од излезноста и количникот на Донтовиот модел. Додека за СДСМ доколку настапи самостојно процените се дека би освоила помеѓу 26 и 29 пратеници.

Да се вратиме на техничката влада. Како таа ќе функционира, како ќе ги подготви изборите, ако вашите министри немаат комуникација со премиерот Џафери?
– Министрите од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат комуникација на нужен минимум за да функционира владиниот систем, но тие и замениците не се влезени за да му овозможат на Џафери или на СДСМ да останат, туку за побрзо да паднат од власт. Инаку, заедничкиот именител на симпатизери на која било партија е дека ДУИ треба да оди во опозиција и нашата политичка цел е тоа мислење да го реализираме по изборите. Да формираме влада без ДУИ. Најпосакуван партнер за коалиција ни се опозициските партии на македонските Албанци. Јас не би гласал за влада во која би учествувала и ДУИ.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk