Home » Мицотакис повторно се заканува: Новата влада да го користи само името „Северна Македонија“ во и вон земјата, во спротивно ќе има проблеми со Грција и Европа

Мицотакис повторно се заканува: Новата влада да го користи само името „Северна Македонија“ во и вон земјата, во спротивно ќе има проблеми со Грција и Европа

by Журнал.мк

Сакам уште еднаш да испратам порака со предупредување до новата влада, да ја смени позицијата и да го користи само името Северна Македонија во и вон земјата, бидејќи во спротивно, сигурно ќе создадат проблеми и во односите со Грција и во односите со Европа, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за државната телевизија ERT, притоа повторувајќи дека без целосно усогласување со Договорот во однос на името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ перспективата на земјаrа.

Коментирајќи ги изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ќе го употребува терминот Македонија и оти тоа не е во спротивност со споменатиот договор, Мицотакис посочи дека станува збор за „изјави на мандатарот за премиер“ и дека ќе ги чекаат официјалните ставови на новата влада, но потенцираше дека „првите примери на однесувањето се исклучително негативни“.

„Во јадрото на Договорот на Преспа се наоѓа смислата на едно име, она што го нарекуваме ерга омнес, името Северна Македонија да важи за сите, односно да се користи и во надворешноста и во внатрешноста на земјата“, рече Мицотакис.

Потсети дека неговата партија не гласаше за Договорот од Преспа, бидејќи имаа приговори „за фактот што овој Договор обезбедува македонска нација и македонски јазик“, што воедно, според Мицотакис било и главната причина зошто не го поддржаа Договорот.

„Во прашањето за името има едно јасно уназадување и сакам уште еднаш да испратам порака со предупредување до новата Влада, уште отсега, да ја смени нејзината линија, да ја почитува централната одредба на Договорот од Преспа, да го користи само името Северна Македонија во и вон земјата кога станува збор за нашиот северен сосед, а во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми, не само во односите со Грција на Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија“, истакна Мицотакис.

Се осврна и на реакциите од ЕУ за употребата на името Македонија од претседателката Сиљановска Давкова на инаугурацијата, откривајќи дека „беа резултат на интервенциите на грчката Влада“, дека „тоа не дојде само по себе“, туку тој лично интервенирал за да го информира раководството на Европската Унија, а ги посочи и реакциите од САД.

– Па така верувам дека ќе има колективен притисок врз раководството на Северна Македонија за да не постои значајно уназадување, рече грчкиот премиер.

Во утринското интервју за ЕРТ, Мицотакис ги повтори и следните чекори на Владата, односно реакцијата на официјална Атина, она што и вчера го порача од митингот во градот Верија, дека нема да се ратификуваат меморандумите и дека ќе има проблеми на патот на земјата кон ЕУ.

„Она што сигурно ќе го сториме е дека нема да ги донесеме за ратификација трите меморандума што произлегуваат од Договорот и сега целосно се оправдува нашата позиција да го задоцниме ратификување. Ние веќе извесно време гледавме што се случуваше во Северна Македонија, го слушавме овој националистички пароксизам на ВМРО, знаевме дека ВМРО ќе победи на изборите и сакавме и ние да задржиме некои суштински преговарачки оружја во случај работите да не одат како што се очекува“, рече Мицотакис.

Ја коментираше и одлуката на СИРИЗА да ги подонесе во парламентот трите меморандума, велејќи дека е „несфатливо на границите на политичкиот и дипломатскиот апсурдност“, сега да се достават, во моменти кога „Скопје следи целосно различна линија“.

„Второто што ќе го направиме, веќе го сторивме, апсолутно јасно да ставиме на знаење дека никаков напредок во овој, би рекол, долг пат на Скопје кон Европа, не може да се постигне. ако не постои апсолутно усогласување со Договорот од Преспа во прашањето со името„, истакна грчкиот премиер.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More