Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања тврдеше дека кога СДСМ и ДУИ биле на власт незаконски ги следеле лично него и ВМРО-ДПМНЕ и тоа со дронови. Тој притоа порача дека за сите тие оперативно технички состојби ќе има одговорност и затоа е стравот сега кај истите кои следеле и нарачувале.
„До поранешниот министер за внатрешни работи кој е тука, до него не допираше гласот, но затоа се дигаа дронови над мојата куќа, кога сум одел и на терен во Прилеп и тоа е се во белешките на службите кои треба да разузнаваат и контраразузнаваат. Го разузнавале претседателот на опозицијата со дронови, оперативни и оперативно технички средства. Нормално е тоа? И сега се уплашени и од свиркачи добиваат информации, за сето тоа што мора да има одговорност“, изјави премиерот одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Венко Филипче.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека кога ќе дојде редот за одговорност, јавноста ќе дознае, но Владата нема да прави од тоа театар како што правеше претходната власт, од систем кој е од витално значење за државата.
„Сето тоа ќе биде презентирано на затворена седница и сето тоа да се декласифицира. Вие го следевте лидерот на опозицијата со дронови, сега пишуваат анонимни писма, колку сакаат нека пишуваат нема спас, не им бега одговорност“, изјави Мицкоски.