Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, денеска повторно одговори на барањата на опозицијата дека избори ќе има, но во редовниот термин во 2024, а оваа година, порача тој, треба да се фокусираме на справување со предизвиците од кризата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е убеден дека порано или подоцна ќе дојде до предвремени парламентарни избори, на кои инсистира опозицијата иако актуелната власт, вели тој, не сака да си замине зошто е свесна дека ќе треба да одговара.
„Јас не очекувам дека оваа криминална власт ќе сака да ги напушти дебелите црвени килими и кожените фотелји каде е залегната и привилегиите кои ги уживаат на грбот на народот. Не очекувам дека тоа ќе го прифатат и едноставно ќе заминат, затоа што се свесни дека после тоа следува одговорност. Но, затоа сме ние опозиција, затоа ја добивме довербата од народот на минатите локални избори, тоа ќе се случеше и на предвремените парламентарни да беа оној грабеж и масовен брутален поткуп што се случуваше со картичките. Но, подоцна или порано ќе се случат тие парламентарни избори, а потоа следува одговорност за сите овие погрешни политики што македонскиот народ и граѓаните се сведоци изминатите четири години“,
изјави денеска Мицкоски од Гостивар каде што со гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари учествуваат на трибина по повод 21 февруари – Меѓународен ден на мајчиниот јазик.
Во петокот Мицкоски сретна и со лидерот на Беса, Билал Касами, партија која по локалните избори во октомври лани премина во опозиција, по што порачаа дека имаат план и стратегија и ќе ги искористат сите методи за да дојде до предвремени парламентарни избори.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, денеска повторно одговори на барањата на опозицијата дека избори ќе има, но во редовниот термин во 2024, а оваа година, порача тој, треба да се фокусираме на справување со предизвиците од кризата.