Јавниот долг е намален за 4,7 процентни поени во првиот квартал годинава споредено со крајот на минатата година. За само три месеци, јавниот долг забележал пад од 62,4% на 57,7% од БДП, што претставува намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ. Вкупниот јавен долг во моментов изнесува 9,58 милијарди евра. Државниот долг пак изнесува 8,3 милијарди евра. Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од бројките. Вели дека оваа Владата преку своите политики успеала да постигне најнизок долг во последниве 5 години. Плановите се фискалната консолидација да продолжи, а со тоа и јавниот долг да се сведе на ниво од 50 до 55% од БДП до крајот на мандатото на владата.
Мицкоски вели дека јавниот долг не може и натаму да паѓа без пораст на економските активности. Освен што во наредниот период ќе се објават убави економски вести за земјава како што најави и неколкупати претходно, тој очекува и пораст на брутодомашниот производ.
За министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска ваквите податоци се директна потврда за политиките што ги спроведува Владата и траекторијата по која се движи. Падот на јавниот долг, според неа е резултат на мерките што се преземаат за фискална консолидација, мерките за намалување на непродуктивните трошења, како и напорите за подигнување на економската активност.