Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Бутел, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“. Мицкоски зборуваше на темата за правосудниот систем во земјава и истакна дека иако постојат над 80 пријави кои се заглавени во судските и обвинителските лавиринти, тој ќе се посвети на нив по локалните избори. Мицкоски најави ресетирање на системот, кој нема да биде реванш, туку ќе значи одговорност и правда. Како што вели тој, процесот на прочистување на политичкото мочуриште ќе зависи исклучиво од законот и уставот, а од правдата нема бегство.
,,Ги слушам лажните храбрења на Филипче, зад кои убеден сум дека стои само стравот од соочување со одговорност. Тоа се изјавите: „Еве, година и пол помина од Владата, а никој не одговара и никој не се плаши.“ Вистината е дека има над 80 пријави кои седат во фиоките на обвинителството, а клучот на тие фиоки седи некаде на „Бихаќка“, кажа Мицкоски.






