Home » Мицкоски бара промена на условите од тој што ги напиша во францускиот предлог

Мицкоски бара промена на условите од тој што ги напиша во францускиот предлог

by Журнал.мк

Ден пред да дојде Урсула фон Дер Лајен во Македонија, пишувачот на францускиот предлог, Александер Адам – стана дел од нејзиниот тим

Главниот пишувач на решението за спорот меѓу Македонија и Бугарија – кај нас популарно наречен „француски предлог“, Александар Адам, стана заменик шеф во кабинетот на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон Дер Лајен.

На оваа позиција Адам е именуван еден ден пред претседателката на ЕК да дојде во Македонија и практично беше дел од нејзиниот тим во Скопје. Тој е дел од новиот тим на Лајен кој треба да и помогне да се справи со предизвиците од новиот четиригодишен мандат, меѓу кои проширувањето доби висок приоритет.

Како што се гледа од фотографијата, Адам беше на масата со Лајен кога таа имаше разговори со премиерот Христијан Мицкоски, во кои главна тема, според она што кажа министерот Орхан Муртезани, биде уставните измени и Коридорот 8. По средбата Лајен порача дека Македонија треба да ги исполни обврските што ги презела и дека нејзината најважна цел е да го отвориме првиот кластер за преговори што побргу. Практично таа не кажа „да“ на барањата од страна на Мицкоски да се преговара одново за условите за продолжување на преговорите, односно Европската комисија да ни помогне уставните измени да важат со одложено дејство, а не како што е договорено претходно.

Практично од главниот творец на решението за тргање на бугарското вето Мицкоски бараше да му помогне да го смени „францускиот предлог“, за кој кога беше објавен Адам тврдеше дека бил најдоброто можно решение да се одблокираат преговорите на Македонија со ЕУ. Адам во тој период беше советник за Европа на претседателот Франсоа Макрон, по што замина на функција надвор од политиката, но како што се покажа сега, останува еден од политичките адути на францускиот претседател кој го делегираше на ваква висока позиција во ЕУ. Во кабинетот на Лајен тој ќе биде одговотрен за проширувањето и реформите, за Украина, за односите со Велика Британија и со Швајцарија.

Адам претходно беше ангажиран во француското Министерство за Европа и за надворешна политика, а еден период работел и како амбасадор на Франција во ЕУ и во Германија. Член е на неколку влијателни меѓународни тинк тенкови како експерт за ЕУ. Во една не толку дамнешна дебата поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи во дебата во која учествуваше и Адам, рече дека тој е архитект на францускиот предлог кој се заснова на неколку принципи меѓу кои:

-Принципот дека македонскиот јазик ќе биде во преговарачка рамка без никакви дополнувања и ќе биде официјален јазик на Европската Унија откако ќе станеме членка на ЕУ.

-Големо НЕ за воведување историски толкувања во патоказите, кластерите, поглавјата, одредниците на преговарачкиот процес.

-Големо НЕ за секоја дебата за идентитетот по пат. Но, едно големо ДА за правата на заедниците, за правата на малцинствата без разлика на нивната големина, бидејќи ова е нашиот белег – Македонија е позната по својата функционална мултиетничка демократија. Значи, ДА за уставни измени, ДА за воведување на најширок пакет привилегии за сите заедници, вклучително и на бугарската заедница, кој врз основа на последниот попис брои околу 3500.

На крајот Османи порача дека кога имало различни толкувања меѓу Скопје и Софија велеле: Да ги повикаме Париз и Александар Адам да ни објаснат што се главните принципи.”

Инаку Адам не е силен приврзаник на идејата за укинување на ветотот за прашања од надворешната политика бидејќи смета дека тоа не ги решава проблемите.

„Процедурите се само процедури и не ја формираат заедничката визија. Ако постои прашање околу правото на вето, тоа се однесува на неговата употреба наместо на неговото постоење – кога тоа се користи од одредени влади како средство за уцена за да ги постигнат своите цели за други прашања. И ако постои голем предизвик за управувањето со проширена Европа, тој е на ниво на Европскиот совет и никаде на друго место“, порача тој на дебата. Иако кај нас се сметаше дека неговиот предлог наклонуваше кон Софија и дека Македонија плати висока цена без да добие гаранциј, целта на Адам, според неофицијалните кажувања, била пред се да ја тргне блокадата и да не дозволи Македонија да заостане зад Албанија.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk