Следната генерација на Xbox ќе понуди гејминг искуство кое нема да биде ограничено само на една дигитална продавница, со компатибилност за постоечките Xbox игри.
Microsoft официјално потврди дека работи на следната генерација на Xbox, а клучен партнер во овој проект ќе биде компанијата AMD. Потврдата беше објавена преку кратко видео на YouTube, во кое претседателката на Xbox, Сара Бонд, истакна дека целта на нивната нова конзола е да понуди гејминг искуство кое не е врзано само за една продавница за игри или за еден уред.
Што точно значи тоа, сè уште не е прецизирано, но се претпоставува дека корисниците ќе можат да играат игри на повеќе уреди и да ги преземаат од различни дигитални продавници. Покрај тоа, Бонд вели дека новата генерација на Xbox ќе ја задржи компатибилноста со постоечките Xbox игри, но со напредни графички можности поддржани од вештачка интелигенција.
„Целта ни е да изградиме гејминг платформа што секогаш ќе биде со вас, за да можете да играте што сакате, каде и да сакате, без ограничувања на една продавница или уред. Затоа тесно соработуваме со Windows тимот за да обезбедиме Windows да биде најдобрата платформа за игри. Следната генерација на Xbox токму сега се раѓа и ова е само почетокот. Едвај чекаме да ви покажеме што следува“, изјави Бонд.
Оваа потврда доаѓа само неколку дена по најавата за соработка со Asus и претставувањето на Xbox Ally, кој ќе овозможи играње игри од повеќе извори, вклучително и од Steam.