Мора да се деблокира процесот на проширување на ЕУ со скорешен почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, се согласиле претседателите Пендаровски и Мета. Шефот на албанската држава смета дека двете држави во пакет треба да ги почнат преговорите со унијата.
„Не посакуваме и не сакаме раздвојување. Се координираме подобро и посилно, двете држави да добијат што е можно поскоро датуми за меѓувладини конференции. Тоа е една од причините зошто сум овде, да ги споделиме мислењата за овој многу важен предизвик за двете држави. Со вашиот претседател Пендаровски имаме многу добро разбирање. Ќе ги засилиме нашите напори, да бидеме трпеливи и да работиме заедно и посилно“, изјави албанскиот претседател, Илир Мета.
Албанскиот претседател Мета планира посета во Софија за да издејствува надминување на бугарското вето за земјава за почеток на преговорите.
„Планирам да одам во Бугарија да се сретнам со претседателот Радев. Посакувам и идната посета на новоизбраниот бугарски премиер на Северна Македонија, да биде многу успешна и да ветува“, нагласи Мета.
Албанскиот претседател Мета е во работна посета на земјава, на покана од Институтот за духовно и културно наследство на албанците. Мета се сретна и со претседателот на собранието Талат Џафери.