AMG GT Coupe е врвот на тоа што спортската и престижна марка во Афалтербах умее да го конструира и произведе – да го дизајнира исто така. Дизајнерот на AMG SL и EQS SUV, Македонецот во Штутгарт, Славче Таневски, вели за Аутомедиа дека „предизвикот кај втората генерација беше да ги задржиме одличните перформанси кои ги имавме во првата генерација и да ја зголемиме практичноста за секојдневно користење“.
Изведбите на AMG долги години важеа и уште важат како врв во одделните моделски серии на Mercedes-Benz. Секоја моделска серија на Штутгарт мора да има и своја AMG-круна, од A- и C-Class, па сé до S- и G-Class. А, кој е тогаш врвот на AMG? Тоа е Mercedes-AMG GT Coupé од втората генерација. А, дизајнерот? Славче Таневски, Македонец што подолго од една деценија создава за Mercedes-Benz, во центарот за дизајн во Зинделфинген.
„Новиот AMG GT е уште повеќе гран туризмо од претходникот“, ни пиша Таневски во кусата размена на пораки, додека ѕвезда-дизајнерот зборува со најпознатите новинари и автори на автомобилската сцена во студиото во Виена. Скулптурираната каросериска форма има причина за своето постоење. Таа причина е – врвната технологија.
GT Coupe располага со активно подвозје AMG ACTIVE RIDE CONTROL што спречува секакво наведнување на каросеријата, потоа управувана задна оска, плус активна аеродинамика.
Спортското купе од рангот на Bentley Continental или Ferrari Roma првпат користи варијабилен попгон на сите тркала AMG Performance 4MATIC+. Моторот е стандард во врвните спортски модели на Mercedes и AMG, тоа е 4,0-литарскиот V8 со битурбо натполнење.
Конструиран врз ексклузивна платформа на AMG, германскиот гран-туризмо поседува каросерија што во најголемиот дел е изработена од алуминиум. Пропорциите се сменети во споредба со првиот AMG GT: „Предизвикот кај втората генерација беше да ги задржиме одличните перформанси кои ги имавме во првата генерација и да ја зголемиме практичноста за секојдневно користење. Имаме 2 плус 2 конфигурација на седење, што значеше продолжување на кабината и меѓуоскиното растојание. Следствено добивме и доза на елеганција во екстериерот,“ објаснува Таневски.
GT Coupe е 5-от модел од сопствен развој на AMG, по SLS, првиот GT со две врати, GT 4‑Türer Coupé (изведбата со 4 врати) и SL.
Во почетокот од продажбата ќе бидат достапни две изведби, AMG GT 63 4MATIC+ Coupé со 430 kW (585 КС) Leistung и AMG GT 55 4MATIC+ Coupé со 350 kW (476 КС).
Долгото меѓуоскино растојание, кусите каросериски превиси и закосениот ветробран прават новиот AMG GT да изгледа компактно и моќно. Раскошните пропорции и заоблениот Greenhouse (стаклата и покривот), испакнатите крила и карактерниот преден лик создаваат појава на моќен спортски автомобил, што одговара за секојдневието.
Екскузивното претставување на AMG GT Coupe во коешто Славче Таневски зборува за Auto Trader, еден од највлијателните автомобилски медиуми на светската сцена
Оваа појава е создавана со мисија: „Предниот дел има зајакнат идентитет, голема AMG маска со повисоко поставени светлосни елементи, дијагонално поставени во однос на маската. Светлосен потпис со три точки кој е присутен и на задниот дел,“ кажува дизајнерот.
Моќно делува тоа што тркалата завршуваат во иста линија со каросеријата. Достојно на автомобил што не може да претера во прикажувањето моќ во својата појава, опашот изгледа широк како да ќе зафати цела лента на улица. Младиот Славче тоа го опишува кусо: „Секси задник оцртан со светлосната група споена во еден елемент.“
Компактната кабина со профил на фастбек и голем заден поклопец овозможи да се постигне низок и заоблен опаш, со активен спојлер, што се подигнува автоматски.
Внатрешноста е иста со AMG SL Roadster и претставува спој на најдоброто од дигиталниот и од аналогниот свет. Mercedes за тоа вели дека е „хипераналогна“ комбинација. Тоа што става посебна вредност се материјалите, изработката и посветеноста во деталите. „Во ентериерот имаме комбинација на физички форми инспирирани од аеронаутика и дигиталниот свет. Сите потребни команди се на воланот, заради фокус на возачот на возењето“, опишува Таневски.
Тоа е зачетникот на лозата, Mercedes 300 SL Uhlenhaut Coupe
Задните две седишта се опција и комотни се за патници високи до 1,5 метар. Главната смисла е во задниот поклопец што се отвора самостојно, за лесен пристап, но и во можноста да се собори клупата и да се добие пристоен товарен простор – на пример за спортска опрема.
Во светот на MBUX и на големите дисплеи на Mercedes се случуваат големи нешта. Кога во менито ќе се влезе во AMG Performance, може да се повикаат најразлични податоци, од моќноста што е активирана во моментот, вртежниот момент, страничното забрзување и распределбата на силата меѓу тркалата. Се прикажуваат и температурите на работните течности, аголот на завртување на предните и задните тркала, притисокот на масло во системот за спречување на наведнувањето на каросеријата.
AMG SL Roadster во салонот на Мак Аутостар во Скопје
Посебен впечаток оставаат скулптуираните AMG-спортски седишта со интегрирани потпирачи за глава. Вообичаено за марката, се нуди широк избор од материјали и комбинации, вклучувајќи и скапа напа кожа со микрофибер, со штепови во жолта или црвена боја. Со доплата се добива и масажа, заедно со светлосни ефекти во кабината.
Каросеријата на AMG GT Coupe е изработена од алуминиум, челик и магнезиум
Егзотични материјали се користени во бројни подрачја, почнувајќи од носачот на арматурната табла од магнезиумска легура, до попречни зајакнувања изработени од карбон и фиберглас, со цел да се постигне врвна цврстина при најниска можна тежина.
Активната аеродинамичност е голема тема кај GT Coupe. Системот се состои од два степени, првиот го сочинуваат вертикалните ламели во долниот отвор за воздух напред, а вториот степен е задниот спојлер, што инаку се втопува во формата на задниот поклопец. Спојлерот зема предвид бројни параметри, од брзина на возење, преку надолжно и странично забрзување, до брзина на вртење на воланот. Зависно од тоа, спојлерот над 80 km/h се поставува под пет различни агли.
Патент на AMG е панелот под возилото, во делот пред моторот. Над 80 km/h, тој се спушта за 40 mm, при што се создава вентури-ефект, односно каросеријата буквално почнува да се припива кон асфалтот. Тоа се чувствува и во воланот, поради зголемениот притисок на предните тркала врз подлогата.
Моторот 4.0 V8 Biturbo е веќе легенда. Топ-моделот GT 63 4MATIC+ располага со 585 КС и 800 Nm, спринтува за 3,2 секунди, крајната брзина е 315 km/h. Соодветно и податоците за GT 55 4MATIC+ се: 476 КС, 700 Nm, спринт 3,9 секуинди, крајна брзина 295 km/h.
Посебност кај AMG GT е новиот картер за масло, сменетото место на ладилникот за воздух за надполнењето, како и активно проветрување на блокот на моторот.