Медицинските сестри од Тетово го ставаат протестот во мирување. Тие велат дека се разочарани од тоа што немаат поголема поддршка од јавноста, затоа ќе чекаат да се назначи нов министер за здравство со надеж дека ќе се реши нивниот проблем.
„Во целиот свет, протестите се неминовно загарантирано право за барање на правата на секоја индивидуа, но видливо дека ова право не важи во нашата земја каде живееме и работиме. Нашите протести со години биле тивки со многу жртвувања. Од почетокот нашиот револт не беше насочен кон директорот и неговото раководство. Ние со години се соочуваме со истиот проблем, при менување на раководствата. Секогаш сме одговарале кога сме биле повикани на нивните наредби, сме ги покривале дефицитот во сите оддели, дури и за време на пандемијата“, вели Лидија Коруновски.
Според неа, и покрај сите заложби, тие не го добиле заслуженото.
„По првпат собравме сили нашиот глас да се слушне преку медиумите поради неподдржување од компетентните лица на Клиничка болница, колеги, синдикати. Одлучивме да го прекинеме протестот и да се повлечеме тивко и достоинствено како што ни доликува. Но ова повлекување не значи дека ќе прекинеме да ги бараме нашите права на вработувања. Ќе чекаме одговор од болницата, Министерството здравство, како и од Министерството за финансии“, истакна Коруновски.