Home » Медицинскиот персонал во Прилепската болница со договор на дело бара решавање на статусот

Медицинскиот персонал во Прилепската болница со договор на дело бара решавање на статусот

by Журнал

Медицинскиот персонал во Прилепската градска болница ангажиран со договор на дело на денешната прес-конференција упати барање и апел до Министерството за здравство да го реши нивниот статус. Велат дека со години работат, и тоа во здравствена установа, а немаат здравствено осигурување.

-Работиме во здравствена институција, а немаме здравствено осигурување. Некој е една, а има кои работат со договор на дело и до седум години. Никако да се реши нашиот статус, иако во почетокот на годината имаше најави. Упатуваме апел до министерот и Министерството за здравство да се реши нашиот статус, да добиеме решенија на неопределено време. Ситуацијата е неизвесна. Ние секогаш сме подготвени и продолжуваме да ги вршиме нашите обврски, да помагаме во секој момент, но бараме и нам да ни се помогне. Се надеваме дека ќе најдат слух, и Владата и пратениците, малку да се замислат и да го решат нашиот статус, рече Благоја Јагуриноски, ангажиран со договор на дело во Прилепската градска болница.

-Во болницата како болничар сум ангажиран шест години, ја почнувам седмата година. Немаме никакви бенефиции. Тука, околу мене се колегите со 5 или 6 години ангажирани, но ништо не ни е решено. Оти, овие луѓе ако застанат, мислам дека ништо нема да функционира, рече болничарот Томе Бошкоски.

Мита Стојкоска е медицинска сестра во ортопедското одделение, но и таа чека решавање на статусот и вработување.

-Работам шест години, ги имам сите обврски со пациентите и јас апелирам и барам Министерството за здравство да го реши нашиот статус, рече Стојкоска на денешната прес-конференција пред Прилепската болница.

Во болницата се 100-тина членови од медицинскиот персонал ангажирани со договор на дело, од кои 12 лекари.

Од Болницата се огласија со соопштение во кое велат дека ги презеле сите акти и со време побарале согласности, упатувајќи апел да се реши статусот на ангажираните со договор на дело.

– Побарана е согласност од Министерството за здравство и за вработување на неопределено работно време и продолжување на согласностите за договор на дело. Станува збор за лица кои се пред се наши колеги, кои максимално професионално секојдневно си ги извршуваат своите работни обврски и задачи. ЈЗУ Општа болница со проширена дејност има реална потреба од овој кадар: лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари и возачи во Итна помош. Апелираме до Министерството за здравство за што побрзо решавање на статусот на овие лица, се вели во соопштението упатено до медиумите од Прилепската градска болница.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More