Како ќе се именува, дали „балансер“ или закон за правична застапеност, заедно констатиравме со партнерот (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите во јавната администрација за да се изберат најдобрите, но и за правичната застапеност, вели Изет Меџити, еден од лидерите во Вреди.
Евиденција или регистар за етничката припадност во јавната администрација, на нотар „запечатена“ етничка припадност при вработувањето на кандидатот, бонус-бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ потребен на институцијата, се само некои од предлозите на нацрт-законот за правична и соодветна застапеност, кој Вреди ќе ги понуди како решение откако Уставен суд го укина балансерот – алатка за вработување по етнички клуч, вели за „Слободен печат“ првиот вицепремиер Изет Меџити.
Владините партнери сè уште немаат усогласено решение како да се заштити правичната и соодветна застапеност како темелна вредност на Уставот при вработувањата во јавната администрација.
– По одлуката на Уставен суд за „балансерот“, Вреди веднаш ќе пристапи кон ново решение. Како ќе се именува, дали „балансер“ или закон за правична застапеност, за ова нема дилеми и заедно констатиравме со партнерот (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите во јавната администрација за да се изберат најдобрите, но и за правичната застапеност – вели Меџити.
Тој потврди дека Вреди веќе има подготвен предлог-закон кој ќе го дадат на јавна расправа.
Меџити: Ако не сме задоволни од решението, ќе го оспориме пред Уставен суд
– Се разгледува во рамките на јавната администрација да се воведе евиденција за етничката припадност, односно да наведат која етничка припадност се кога се вработувааат за да се спречат злоупотреби, со цел да не се повтори ситуацијата при вработување – да се изјасни, на пример, дека е Албанец, а потоа да си ја врати етничката припадност, на пример, Македонец. Но тука треба да внимаваме да не навлеземе во приватноста на вработените. Има повеќе предлози, можно е вработените да поднесат изјава за етничката припадност заверена на нотар. Има систем кандидатите да се бодуваат и, на крај, ако за тоа место е предвидено да биде вработен Турчин, за него да има позитивна дискриминација и на освоените бодови да добие плус 10 и тој да биде примен – вели Меџити.
Тој не се согласува со насоката на Уставен суд дека на конкурсите за вработување во јавната администрација пресуден треба да биде квалитетот, туку дека мора да се внимава и на правичната застапеност. Ова би значело дека ако во некоја институција треба да се вработи Бошњак, тогаш треба да се избере најдобропласираниот Бошњак меѓу кандидатите. Наспроти ова, препораката на Уставен суд, за да нема дискриминација при вработувањето во јавната администрација на конкурсите ако конкурирале, на пример, Македонец, Бошњак, Турчин, Албанец, а на институцијата ѝ треба Албанец, и ако сите освоиле 100 бода, предност да има Албанецот.
– Тоа е предлог на Уставниот суд. Треба да внимаваме на правична застапеност зашто, во принцип, по оваа логика, не може да оставиме на случајност и да експериментираме со правичната застапеност. Ние како Вреди сме за тоа да се внимава на правичната застапеност, односно ако во некоја институција недостига Бошњак, тогаш мора Бошњак да се прими, значи да се избира најдобриот Бошњак, односно од заедницата од која недостига претставник. Квалитет да, но и правичната застапеност. Ако не се најде начин за вработување според правичната застапеност, тогаш ние тоа ќе го оспориме пред Уставниот суд. Секоја тенденција, и најмала, да се запостави правичната застапеност Вреди нема да ја прифати – дециден е Меџити.
Тој додава дека заедничка констатација на сите фактори во државата е дека „балансерот“ веќе не е во функција, туку дека има контраефект и дека изминативе години се злоупотребувал.
Андоновски: Да не биде во судир со квалитетот и компетенциите
За ВМРО-ДПМНЕ, пак, е прифатлива насоката на Уставен суд, пресудно при вработувањата во јавната администрација да е квалитетот на кандидатите, односно при еднаков број бодови предност да има кандидатот со етничка припадност за која институцијата има потреба.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски смета дека Владата ќе работи на законско вообличување на темелната вредност на Уставот – правичната и соодветна застапеност на заедниците.
– Важен е тој темелен принцип на Уставот и треба да се почитува, но треба да се најде начин како тој принцип да не биде во судир со квалитетот и компетенциите и со изигрувањето. Се надевам дека во Министерството за администрација ќе се најде одговор на тие дилеми и решенија од кои сите ќе бидат задоволни – рече Андоновски.
Тој лично смета дека секоја институција по службена должност треба да следи дали има соодветна застапеност на сите етнички заедници, и тоа да биде должност на раководителот на институцијата, но и да има контрола дали сме внимавале на соодветната и правична застапеност во институциите.
– На тој начин вработувањата ќе бидат по мерит, по квалитет и стручност, но исто така ќе гарантираме дека секоја институција ќе има соодветна застапеност – вели Андоновски.
Неофицилно, за владиниот партнер ЗНАМ, неприфалив е предлогот на Вреди за нотарските изјави за етничка припадност, зашто тие повторно би биле дискриминирачки.
Касами смета дека Уставниот суд требало да почека
Лидерот на владејачката Беса и тетовски градоначалник, Биљал Касами, во гостување на ТВ21 рече дека ДУИ за „работите кои ги тангираат Албанците“ донела „некои закони на погрешен начин“, а тие сега се оспорени пред Уставниот Суд, како што се законите кои ја регулираат употребата на албанскиот јазик во институциите и „балансерот“ за етнички вработувања во јавната администрација. Тој рече дека со „нов и правилен закон ќе ги средат“ и правичната застапеност на малцинските заедници во администрацијата и употребата на албанскиот јазик.
Касами додаде дека тие немаат влијание врз Уставниот суд како што имала ДУИ и дека самиот суд требало да почека со одлуката, затоа што тие спремаат нов закон кој набрзо ќе се најде во собраниска процедура.