Пред да го напушти ВЛЕН, Арбен Таравари се споменуваше како најсериозен кандидат за нов лидер доколку коалицијата прерасне во единствен политички субјект. По неговото заминување, според информации на „Фокус“, главни фаворити за оваа позиција се Изет Меџити и Биљал Касами, кои сега имаат најголема тежина во политичкиот блок.
Веднаш после изборите, се разгледуваше можноста за трансформација на ВЛЕН од коалиција во една политичка партија, но лидерите на албанскиот владејачки сојуз тогаш одлучија конечната одлука да ја остават за периодот по локалните избори.
Сепак, овој план го измести излегувањето на Арбен Таравари од коалицијата, бидејќи останатите лидери на ВЛЕН одлучија да одговорат на неговиот маневар така што ќе го забрзаат процесот на формирање на нов политички субјект, во кој би се интегрирале сегашните коалициски партнери, минус крилото на Алијанса за Албанците предводено од Таравари.
Станува збор за Демократското движење на првиот вицепремиер Изет Меџити, Беса на тетовскиот градоначалник Биљал Касами, Алтернатива која до неодамна ја предводеше собранискиот спикер Африм Гаши, чиј наследник во партијата стана Зеќирија Ибраими, како и Самоопределување претставувана од Беќим Коќу.
Засега, од ВЛЕН официјално изјавија дека наскоро, можеби веќе следната недела, ќе биде формирано Централно претседателство на ВЛЕН, кое ќе го сочинуваат по 7 членови од ДД, Беса и Алтернатива, двајца од Самоопределување, додека оставен е простор во партиското раководство да се најдат и претставници на Алијанса, како и независни интелектуалци.
Притоа, од ВЛЕН велат дека досега не се извршени суштински разговори околу тоа кој би застанал на чело на новата партија. Како што велат лидерите на коалицијата, не е битно кој ќе биде лидер, туку битен е концептот на новата партија и таа да продолжи да биде силен фактор во албанскиот блок, кој ќе го потврди легитимитетот со победа над ДУИ на локалните избори.
Пред да го напушти ВЛЕН, Таравари се споменуваше како најсериозен кандидат за нов лидер доколку ВЛЕН прерасне во единствен политички субјект. По неговото заминување, според неофицијални информации на „Фокус“, главни фаворити за оваа позиција се Меџити и Касами, кои сега имаат најголема тежина во коалицијата.
Во вчерашното гостување на Телма, Меџити потврди дека е еден од потенцијалните кандидати за лидер на ВЛЕН, меѓутоа додаде дека не му е битно на која позиција во партијата ќе биде. Патем, како можна опција тој го спомена и моделот на ротационо претседателство, што би значело лидерот да се менува на одреден временски период.
–Во однос за лидер, конкретно не сме разговарале, одвреме-навреме се врти тоа. Но, приоритет ни е ВЛЕН, бидејќи со ВЛЕН стигнавме до тука, ВЛЕН ги донесе промените во албанскиот блок, плурализмот, демократијата. Помалку е битно кој е лидерот, зашто има просор за сите. Некој ќе биде претседател, некој потпретседател, некој на друга позиција, ќе бидат менливи.
Има идеи и за ротациони и други модели на организирање на политички партии, но тоа не е главниот фокус, туку фокус е на локалните избори ВЛЕН да ја потврди победата во однос на легитимитетот. Сум кажал дека сум еден од кандидатите (за лидер), но не по секоја цена, побитно ми е ВЛЕН да функционира, ВЛЕН да биде главниот фактор, зашто ја сум човек кој работи во екипа и малку ми е битно дали сум првиот вториот или третиот – рече Меџити.
Претходно, и Касами изјави дека коалицијата ВЛЕН ќе именува вкупно 23 свои претставници за претседателството кое ќе се формира за новата партија со истото коалициско име. Претседателството, како што додаде тој, ќе донесе и статут според кој ќе се избираат претседател и партиски тела.
–Треба да имаме еден заеднички орган кој ќе одлучува понатаму, статутарна комисија која ќе ги определи сите прашања, како се избира претседателот, органот на раководење со партијата, кои ќе бидат тие, механизми за контрола и за балансирање затоа што се работи за повеќе субјекти кои треба во еден природен процес да станат еден субјект.
Прво што е важно, веќе е донесена одлуката да имаме заедничко претседателство кое ќе ги определи понатамошни чекори кон соединување. По закон треба да заврши целиот овој процес, со заеднички конгрес и формална одлука за запишување во Централен регистар – изјави Касами.
Инаку, „Фокус“ лани во мај прв објави дека во ВЛЕН се отворила дебата дали коалицијата да продолжи да делува во досегашниот формат, односно како сојуз на партии и фракции, или, пак, да се формира целосно нов субјект со коалицискиот назив. Како што велеја нашите извори, имало аргументите „за“ и аргументи „против“ и за едната и за другата варијанта, па се мерела нивната тежина.