Експлозии го потресоа главниот град на Украина Киев и другите градови, додека соседна Полска ги активираше своите воздухопловни сили рано во неделата, откако двете земји соопштија дека е во тек моќен руски ракетен напад.
„Поради масовниот напад на Руската Федерација со крстосувачки ракети, балистички ракети и беспилотни летала на објекти лоцирани, меѓу другото, во западна Украина, полските и сојузничките авиони почнаа да оперираат во нашиот воздушен простор“, соопшти оперативната воена команда на Полска.
Соопштено е дека „се активирани сите расположливи сили и средства со кои располага, подигнати се дежурните борбени авиони, а на највисоко ниво на готовност се копнените ПВО и системите за радарско извидување“.
Руски ракетен напад ја гаѓаше енергетската инфраструктура низ Украина, принудувајќи превентивно намалување на снабдувањето, објави во неделата министерот за енергетика Герман Галушченко.
„Во тек е уште еден масовен напад врз електроенергетскиот систем“, рече Галушченко на апликацијата за пораки Телеграм.
Експлозии се слушнале во југоисточниот украински град Запорожје и црноморското пристаниште Одеса, изјавија очевидци за „Ројтерс“, а украинските воздухопловни сили издадоа предупредување за воздушен напад низ целата земја.
Воздухопловните сили ги повикаа жителите да се евакуираат и соопштија дека голем број проектили, вклучително и разни видови крстаречки ракети, летаат низ украинскиот воздушен простор.
Украинските власти соопштија дека ја прекинале струјата во голем број региони, вклучувајќи го и Киев, како мерка на претпазливост.
Ракетниот напад уследи по ноќен напад со дрон врз главниот град на Украина.
Покривот на станбена зграда се запалил поради паѓање шут, а најмалку едно лице е повредено, објавија градските власти на апликацијата за пораки Телеграм.
„Итна помош е испратена на местото на настанот“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Украина со недели е во состојба на готовност, стравувајќи од голем руски ракетен напад на почетокот на зимата.
Претходните напади беа насочени кон електричната мрежа и предизвикаа широки прекини на електричната енергија.