Политичките препукувања за алатката Балансер е како драмите на Шекспир и би рекол дека е многу врева за ништо, оцени универзитетскиот професор Ненад Марковиќ во вечерашното издание на „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Сметам дека нема особен простор за политичко профитирање од оваа ситуација. Балансерот беше зрел за укинување пред тоа. Долго време се дебатира, не е од сега и не е тема која е последните три недел или последната недела дена, дека има одредени огранилувања, дека се злоупотребува, итн. Освен што може да се јави мал вакуум период, кој може да биде проблематичен затоа што ќе немаме алатка преку која една од темелните вредности ќе ја спроведуваме. Надвор од тоа, не гледам дека нешто драматично ќе се случи“, смета Марковиќ.
Според него, „емотивниот набој што се случува, не би се случувал во еден нормален политички дискурс кој не би бил толку патетичен каков нашиот“.
„Од комитското воспевање дека „еве ние го укинавме балансерот како дел од програмата и предизборието, до драмата на ДУИ дека се е готово за Албанците во Македонија апсолутно нема потреба да се случува“, вели Марковиќ.
Балансерот, продолжи Марковиќ, беше претесен, претехнички и во многу делови злоупотребен.
„Тоа го знаеме сите. Меѓутоа, кој го злоупотребувал и како е многу поширока дебата од онаа на која сме навикнати „мојата етничка заедница никогаш не го злоупотребила, секогаш другите го злоупотребувале“. Воопшто не е така. Го злоупотребија сите, секој на различен начин и целиот фокус на дебатата е тотално погрешен, истакна Марковиќ.